По инцидентот на Купот Синкфилд во САД, на СП во Фишеров шах се презедоа строги контроли против примената на технички помагала при играта, но колку добро функционираат овие контроли провери новинарка од норвешката ТВ-станица НРК

ШАХ

Проблемот со компјутерски потпомогнато мамење во шахот е многу актуелен во моментов. Во минатото имаше голем број наводи и докажани обиди за измама на различни шаховски турнири. Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и организаторите на шаховските турнири воведоа различни безбедносни мерки за да се спречи компјутерско потпомогнато мамење во текот на играњето шах, пишува специјализираниот германски шаховски интернет-сајт, „Чесбејс“.
Една безбедносна мерка што се користи на речиси сите големи турнири е скенирање играчи и луѓе во просторот за играње со детектори за метал. Откако актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен се повлече од Купот на Синкфилд во знак на протест, овие скенери беа користени за контрола на играчите пред секое коло. Изгледа професионално, но дали е навистина професионално?
За да се одговори на ова прашање, треба да се знае или да се тестира колку се чувствителни овие уреди и што можат да детектираат за време на скенирањето. Друго прашање е дали персоналот што управува со скенерите е соодветно обучен за тоа. И следното прашање се однесува на времето на проверка. Дали е доволно да ги скенираат играчите пред колото? Како тогаш се проверува дали некој вградил помошно средство во текот на играта, или можеби по првите почетни потези, пишува „Чесбејс“.

Новинарка од норвешката ТВ-станица НРК пробала да види кои технички помагала ќе ги открие скенерот што се користи како безбедносна мерка во Рејкјавик, за време на СП во Фишеров шах. Резултатот не бил многу охрабрувачки. По влегувањето во просторијата за игра на ова СП сите се проверувале со скенери. Новинарката од НРК се подложила на оваа процедура и на телото имала скриено цела палета електронски помагала. Во нејзиниот ушен канал, пред тапанчето, таа ставила ситна слушалка со големина на бисер, невидлива однадвор. Ова било поврзано како приемник со предавател на сигнал скриен во нејзината облека, кој, пак, комуницирал со паметен часовник прикачен на внатрешната страна на нејзиниот ремен. Оваа опрема му овозможува на второто лице да испраќа сигнали до паметниот часовник однадвор, кои потоа се пренесуваат на малата слушалка. Новинарката на НРК внесе и воки-токи во салата за играње, електронска нараквица и очила за сонце со вградени чепчиња за уши.
При проверката на влезот, откриени се воки-токито и нараквицата за напојување, но не беа откриени чепчињата за уши, паметниот часовник и технологијата во очилата за сонце. Очигледно, тука има уште простор за подобрување за мерките на ФИДЕ во оваа насока, како и за организаторите на шаховските турнири, пишува „Чесбејс“. Г.И.