„Пике – огромна личност, играч за големи натпревари“

Пике замина во фудбалска пензија, и покрај тоа што има уште 18 месеци од договорот. Тој освои 30 трофеи и забележа 616 настапи за Барселона, а само Меси и Иниеста освоија повеќе трофеи за Барса од него. Покрај другите деловни интереси, Пике е сопственик на ФК Андора, која игра во шпанската Втора лига

ФУДБАЛ – ПЕП ГВАРДИОЛА

Легендата на Барселона, Жерар Пике, доби емотивни овации додека го имаше својот последен настап на стадионот „Ноу Камп“ во победата на Барселона со 2-0, во фудбалската Ла лига на мечот со Алмерија. Тој беше заменет во 84. минута и во солзи ги прегрна сите соиграчи, шефот Чави и целата клупа на Барселона.
По натпреварот, тој одржа говор на теренот, велејќи: „Кога ќе остареш, сфаќаш дека понекогаш да сакаш значи да оставиш да си оди. Убеден сум дека повторно ќе бидам тука во иднина. Ја сакам Барселона. Затоа сметам дека е вистинскиот момент за заминување. Ова не е збогум“, пренесе „Би-би-си“.
Имаше неколку почести за него на неговата проштална вечер на „Ноу Камп“. Пике, кој беше капитен, излезе на теренот со своите два сина, додека сите негови соиграчи носеа дресови со неговото име и бројот три на грбот. На теренот имаше огромен транспарент, а на големото платно и на гледачите им беше пуштено видео што ја слави кариерата на Пике.
Поранешниот дефанзивец на Шпанија ја објави својата одлука во четвртокот, и покрај тоа што има уште 18 месеци од договорот. Пике освои 30 трофеи и забележа 616 настапи за Барселона откако пристигна во 2008 година од Манчестер јунајтед. Покрај другите деловни интереси, Пике е сопственик на ФК Андора, која игра во шпанската Втора лига. Пике е петти според одиграни натпревари за Барселона, а пред него се негови соиграчи, Лионел Меси (778), Чави Ернандез (767), Серхио Бускетс (694) и Андрес Иниеста (674). Само Меси (35) и Иниеста (32) освоија повеќе трофеи за Барса од Пике.

Пике беше дел и од триумфите на Шпанија на Светското првенство во 2010 година и на Европското во 2012 година. Со 102 натпревари пред неговото репрезентативно пензионирање во 2018 година, тој е еден од само 13 играчи што забележале барем 100 настапи за таа репрезентација.
Тој ја почна својата сениорска кариера во Манчестер јунајтед, играјќи 23 пати, а во тоа време имаше и заем во Сарагоса. Тој забележа 13 настапи за првиот тим во сезоната 2007/2008 кога Манчестер јунајтед ги освои Комјунити Шилд, Премиер-лигата и Лигата на шампионите, пред да се врати во Барселона, четири години по напуштањето на нивната младинска формација.
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, кој го водеше Пике четири години во Барса, изјави: „Тој сакаше да биде играч на Барса, неговиот сон се оствари. Тој е огромна личност, играч за големи натпревари, никогаш не пропуштил ниту еден. На големите клубови им е потребен ваков тип играч. Беше чест да се биде негов менаџер“.