Иако расположливите информации деновиве велат дека од увоз ќе се добие поевтина струја, сепак, за носителите на енергетската власт во земјата останува да инсистираат на обврската за обезбедување доволно количество струја од сопствени извори. И иако од увоз евентуално би се добила евтина електрична енергија, сепак, неопходно е енергетските власти да обезбедат оптимално решение за енергетска сигурност и одржливост, бидејќи, според енергетичарите, таа сѐ уште не е опиплива и препознатлива за периодот што следува. Решението можеби би вклучило мерки и за одредени рестрикции и во индустријата и кај граѓаните, меѓутоа и организираното штедење струја како уште една алатка во пакетот „Енергетска сигурност за индустријата и граѓаните“ значајно ќе придонесе за стопанството да остане во функција, а граѓаните непречено да работат во фирмите, а и да живеат во своите домаќинства
Во планирањето на енергетската одржливост треба да се тргне од енергетските биланси
Последиците од „увозната зависност“ за енергија дојдоа до израз во услови на светската енергетска криза, која ги погоди земјите што минимално располагаат со сопствени ресурси на енергија. Нашата земја, според критериумот „обезбедување оптимално домашно производство на енергија“, спаѓа во оние држави што имаат релативно мало домашно производство на енергија и силна зависност од увоз на енергија и енергенти. Така што групата држави во кои спаѓа и Македонија при мали или средни придвижувања на енергетските пазари, паѓаат во сериозна енергетска криза, а со тоа и во економска криза. Во такви околности, приоритетен предизвик е како да се преброди, за почеток, претстојниот зимски период, а во скора иднина и како да се обезбеди што поголема енергетска стабилност на државата и за стопанството и за граѓаните.
Количеството на произведена домашна енергија е појдовната точка да се креира ефикасен енергетски план
Стопанските субјекти што се оставени или, поточно кажано, се принудени да се снабдуваат на слободниот пазар на електрична енергија се соочени со високи цени за испорачан киловат-час енергија, кои се повисоки за три-четири пати од цената на енергијата што се произведува од домашните термоцентрали, хидроцентрали и, од поново време, од ветерните турбини и други обновливи извори на енергија. Иако расположливите информации деновиве велат дека од увоз ќе се добие поевтина струја, сепак, за носителите на енергетската власт во земјава останува обврската за обезбедување доволно количество од струја од сопствени извори. Дотолку повеќе што „моменталната“ покриеност на потребите од домашни извори се должи пред сѐ на топлото време во овој период од годината, поради што граѓаните сѐ уште не ги вклучиле своите апарати за затоплување на домовите. Наспроти тоа, „подобрената“ енергетска слика е одраз и на одлуката поголемите потрошувачи да се оставаат самостојно да се снаоѓаат на глобалниот енергетски пазар, каде што владеат посурови услови при формирањето на цените на струјата.
За тоа говорат и моменталните биланси за домашното производство и потрошувачка на струја, кои се доволни само за покривање на потребите на домаќинствата и на помалите потрошувачи што се снабдуваат од домашниот регулиран пазар. За илустрација, според податоците на МЕПСО, на први ноември годинава вкупното производство на струја од термоцентралите, хидроцентралите и ветерниците изнесувало 13.484 мегават-часа. Од нив, на директната потрошувачи им биле испорачани 1.123 мегават-часа, а во дистрибутивната мрежа 12.816 мегават-часа.
Енергетичарите посочуваат дека ваквата енергетска слика е моментална и не може да биде основа за долгорочно планирање на потребите на стопанските субјекти, од причина што поголемиот дел од домашното производство е наменет за домаќинствата и другите институции за кои мора да се обезбеди редовно снабдување со струја. Во такви услови, фирмите се оставени сами да се снаоѓаат за да го пребродат претстојниот зимски период, кога има зголемена побарувачка на струја на глобално ниво.
– Моменталната состојба за тоа дека имаме целосна покриеност на побарувачката од домашни извори на подолг период е неодржлива. Поради топлото време, граѓаните сѐ уште штедат на затоплувањето на своите домови. Следуваат постудени месеци, а со тоа ќе расте и потрошувачката на струја. Таа ќе биде многу поголема од сегашното ниво и тоа го знаат и од домашните производствени компании за производство и пренос на електричната енергија. Секако дека ќе биде потребен увоз на струја и за потребите на домаќинствата. Генерално, домаќинствата во вкупната потрошувачка на енергија во земјите од Европа и од светот учествуваат со 40 отсто. Во истиот однос учествуваат и македонските домаќинства, со тоа што кај нас добар дел од потрошената струја се користи за затоплување на домовите. Неповолна околност е тоа што се користат и неекономични апарати и системи за загревање на домовите. Топлењето на просториите со електрични греалки или печки е прескапо и тие треба да се забранат кај нас – ни изјави Ристо Цицонков, експерт за енергетика.
Според него, во услови на енергетска криза, во најнеповолна состојба се домашните индустриски капацитети што се оставени на слободниот пазар на струја.
– Производството од домашните капацитети на ЕСМ е недоволно и во зимскиот период нема да стигне за задоволување на потребите на граѓаните. Индустриските капацитети се изложени на високите берзански цени на струјата и мора да им се помогне. Домашните капацитети за производство на струја се застарени и можни се исклучувања од системот – предупредува Цицонков.
Стратегиски насоки на движење на националната енергетика
Во Македонија секојдневно извираат различни прашања од областа на енергетиката, кои властите се обидуваат да ги решат. И покрај силната посветеност, сепак енергетските експерти потенцираат дека има потреба за кристализирање краткорочни, но и долгорочни стратегиски решенија, и тоа конкретно по најбитните прашања за тоа на кој начин да се постигнат трите клучни цели за енергетската одржливост во Македонија: прво, обезбедување што поголемо оптимално домашно производство; второ, штедење на потрошувачката на електрична енергија, и во делот од стопанството и кај граѓаните; и трето, постигнување долгорочен соодветен раст на зелената енергија.
По однос на првата точка, носителите на базичната енергија во Македонија, РЕК-Битола и „Осломеј“, е неопходно да бидат носители на базична енергија со која во голем дел ќе бидат исполнети севкупните енергетски нужности. Неопходно е преземање сите можни мерки во најблиска иднина (а ако може и веднаш) да се доведат во кондиција да работат непречено во полн капацитет, еколошки приспособени за колку може повисок степен на почиста енергија. Затоа што тие се со незаменлива трошковна карактеристика како најевтина енергија. А паралелно и подолгорочно може да се развива и зелената енергија, без да се предизвика колапс на стопанството и неодржливите трошоци за енергија за граѓаните.
Оваа насока, според енергетските експерти, претставува суштинска и тежишна насока за развој на македонската енергетска стратегија, со динамика што во вакви кризни услови дозволува стопанството да продолжи да работи, а граѓаните да можат да ги сервисираат своите сметки за потрошената електрична енергија во рамките на своите семејни буџети.
Штедење во потрошувачката и кај индустријата и кај граѓаните со распределба на струјата за да се овозможи пребродување на зимскиот период
Во енергетиката нема брзи краткорочни решенија. Земајќи го предвид енергетскиот биланс на Македонија, каде што повеќе од 30 отсто од клучната индустрија е на слободниот пазар, а сето домашно производство оди за граѓаните и за лесната индустрија, која во принцип работи за споменатата клучна индустрија (која е на слободен пазар), очигледно е дека Македонија мора да направи некаква комбинаторика што се однесува до потрошувачката и распределбата на струјата.
Професорот Константин Димитров потврдува дека Македонија со години своите потреби за струја ги задоволува до 70 отсто, а остатокот е од увоз. Но тој рационално предлага распределување на домашно произведената енергија, за граѓаните да ја користат како поевтина, но и дел од неа да се пренасочи кон поголемите индустриските капацитети за да работат.
– Со сегашната енергетска политика се задоволуваат потребите на домаќинствата и помалите потрошувачи од стопанството, но затоа поголемите потрошувачи се оставени на милост и немилост на трговците со струја, кои заработуваат на сметка на производствените компании. Излез од оваа состојба постои, но ако се сака да се најде решение. Едното е да се произведе повеќе домашна енергија, но за тоа недостига јаглен, или преку ангажирањето на „ТЕ-ТО“ за потребите на големите потрошувачи. Доколку домашната енергија се користи порационално и се изврши порамномерна распределба на сите потрошувачи, може да се „ослободи“ дел од домашната струја и таа да се пренамени за потребите на индустријата. Тоа може да се направи и преку усогласување на цените за домаќинствата и за фирмите. Ако им се објасни на граѓаните дека со мало покачување на сметките за струја, тие може да добијат пониски цени на производите што им се потребни за живот и, секако, со зачувување на нивните работни места – ни изјави Димитров.
Имено, според предлозите на повеќе соговорници, државата треба да воведе ефикасни задолжителни механизми за менаџирање со електричната енергија, со прецизни критериуми и услови. Постојат и посмели опции, каде што заради уште поголемото усложнување на енергетската ситуација се предлага и работење на индустријата, таму каде што се работи во три смени, таа да работи во две смени, имено втора и трета. Или, пак, одредено време и кај граѓаните во домаќинствата да се воведат рестрикции во ноќното време, поради фактот за „ослободување“ дел од поевтината енергија и пренасочување кон стопанството, за тоа да опстане, а со тоа да се задржи континуитетот на работење на претпријатијата, а вработените да останат на своите работни места. Во секој случај, енергетичарите иако тврдат дека енергетската ситуација е повеќе од сложена, сепак, додаваат дека решенија постојат и дека е можен излезот од периодот на зимската енергетска криза, без да бидат целосно и тотално загрозени и стопанството и граѓаните. Ако државата успее да го изменаџира овој предизвик, ќе се добие цена на електричната енергија со која, во ваква ситуација и околности, би можеле да преживеат и граѓаните и стопанството. М.Ј.