ФУДБАЛ
Португалецот Жозе Мурињо стана тренер со најмногу победи во меѓународните клупски фудбалски натпреварувања. Тој го надмина досегашниот рекордер, легендарниот менаџер на англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон. Португалецот во четвртокот славеше со италијанската Рома во петтото коло на Лига Европа (ЛЕ) на гости кај ХЈК од Финска со 2-1 и стигна до својата 107. европска победа. Фергусон, кој својата блескава тренерска кариера ја заврши во 2013 година, зад себе има 106 победи, а актуелниот тренер на Реал Мадрид, Италијанецот Карло Анчелоти, е трет со 105 триумфа. Мурињо претходно им беше тренер и на Порто, Челси, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и на Тотенхем. Тој беше европски првак со Порто во 2004 година и со Интер во 2010. Со Манчестер јунајтед ја освои ЛЕ, а со Рома славеше во минатата сезона во Конференциската лига. Г.И.