Со смртта на двајцата браќа што сакале да наполнат вода кај чешмата во Кисела Вода, во близината на селото Крстор, бројката на луѓе што се задушиле од гасовите што повремено се испуштаат околу оваа чешма се искачи на над десет. Може ли конечно да се запре црниот биланс и да им се стави крај на несреќите од овој вид
ПОСЛЕДНАТА ТРАГЕДИЈА ВО БИТОЛСКО
И КАКО ПОСЛЕДНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Смртта на двајцата браќа А.Н. (68) и К.Н. (63) кај чешмата во Кисела Вода, во близината на селото Крстор, Битолско, повторно ги оживеа тажните сеќавања на битолчани што во изминатите години загубија свои најблиски од труење кај оваа чешма, која битолчани одамна ја нарекоа „чешма убиец“. Завчера двајца средовечни браќа, на возраст од 63 и 68 години, кои беа редовни посетители на Кисела Вода и кои со децении си полнеа вода за пиење од оваа чешма, ги загубија своите животи. Тие и тој ден, како и вообичаено пред тоа, со своите велосипеди наминаа кај чешмата да си наполнат вода.
– Додека јас бев тука, околу 14 часот тие пристигнаа со велосипедите. Беа видно расположени, како и вообичаено кога доаѓаа тука на рекреација и на полнење шишиња со вода за пиење. Откако наполнија од сребрената вода отидоа да полнат и кисела вода од чешмата, а јас си заминав дома. Подоцна, кога слушнав дека двајца битолчани на средовечна возраст се најдени мртви кај чешмата, знаев дека не е од наводен пожар, туку од задушување кај чешмата – ни вели Илија Илиевски, чуварот на црквата „Св. Ѓоргија“, кој 13 години се грижи за ова црква.
Луѓето што денеска ги затекнавме кај чешмата за полнење сребрена вода, во близината на црквата „Св. Ѓоргија“ беа шокирани од трагичната смрт на двајцата браќа, со кои најголемиот број од нив редовно се гледале. Еден од нив, кој критичниот ден бил кај Кисела Вода, ни раскажа дека наводно двајцата браќа, откако наполниле неколку шишиња со сребрена вода, отишле да полнат кисела вода. Прво по скалите до чешмата слегол постариот брат, а кога му се слошило и се струполил покрај чешмата, помалиот брат се обидел да го извлече. Но, за жал, од силното труење со гасовите и тој паднал покрај него и заедно заминале во смрт. Со смртта на двајцата браќа бројката на луѓе што се задушиле и починале од оваа чешма се искачи на над десет.
Пред нецел месец од чешмата кај Кисела Вода се задуши уште еден битолчанец. Но неговата трагична смрт остана „неевидентирана“ и незабележана, бидејќи не беше обелоденета од јавноста. Како и двајцата браќа, кои заедно се задушија од издувните гасови на чешмата убиец, пред неколку години „Нова Македонија“ пишуваше за истата судбина што ја доживеаја и двајца млади другари, кои со своите врсници славеле роденден кај Кисела Вода и кои откако отишле да наполнат вода од чешмата, се задушиле и ги загубиле своите млади животи.
Претходно уште неколку битолчани што полнеле вода за пиење од чешмата кај Кисела Вода ги загубиле своите животи. Но, за жал, освен што по секоја трагедија и несреќа надлежните ќе постават некоја табла за предупредување дека е опасно за полнење или пиење вода од чешмата, надлежните служби не преземаат ништо друго да ги заштитат битолчани од опасноста од труење.
Тоа што најмногу зачудува е што сите изминати години не се направи ништо проблемот со оваа чешма убиец да се реши трајно. Инвеститорот, кој со децении ја гради кафеаната „Кисела вода“, се обидел да ја затвори вратата да не можат битолчани да пијат и полнат вода од чешмата. Но луѓето што ја пијат таа вода и си носат за дома се побуниле дека тој нема право да ги спречи да пијат вода, бидејќи таа е општо добро на селото Крстор, и тој им оставил клуч од катанецот да можат да ја отвораат вратичката.
– Јас не знам уште колку луѓе треба да се задушат од оваа чешма и да починат за да се реши овој проблем. А тој може да се реши само доколку чешмата се извади на површина и се затрупа длабината во која сега се наоѓа сега. Доколку остане вака како што е сега, јас се плашам дека ќе бидеме сведоци на нови трагедии – вели Илија Илиевски, чуварот на црквата кај чешмата, каде што извира сребрена вода.
Објаснувајќи ги причините за смртта на двајцата браќа и другите битолчани, нашиот соговорник Б.М. од Битола, кој со децении полни вода за пиење кај сребрената чешма и кај Кисела Вода, вели дека треба да се прави разлика дека водата од чешмата кај Кисела Вода не е токсична и е одлична за пиење, туку опасни се гасовите што повремено излегуваат од оваа чешма, кои се многу отровни.
Водата не е опасна, опасна е дупката во која е поставена чешмата. Напротив, водата е многу добра за пиење. Но гасовите што во дупката повремено ги испушта водата се многу опасни и токсични и брзо предизвикуваат труење и задушување – вели нашиот соговорник
Инаку, додека помладите битолчани местото кај Кисела Вода го паметат по труењето на неколкумина битолчани, повозрасните битолчани ова некогаш култно излетничко место, кое се наоѓа само на неколку километри од Битола, го паметат како најубаво излетничко место на градот, кое голем број од нив го посетуваа во секој слободен момент. Повозрасните битолчани добро се сеќаваат на викендите и празниците, особено на првомајските, кога во Кисела Вода едноставно немаше ни сантиметар слободно место да се најде за човек да се одмори. Покрај тоа што својата жед ја гаснеа од прекрасната пивка кисела вода што течеше од чешмата и дебелите сенки на Кисела Вода, битолчани се разладуваа и во базенот што постоеше тогаш на ова место. Тие години во Кисела Вода мошне добро работеше и ресторанот на угостителското претпријатие „Македонија“, во кој се приготвуваа најубавите кулинарски специјалитети, а кој секогаш беше претесен да ги прими тие што сакаа да уживаат не само во прекрасната кујна туку и во извонредниот поглед кон пелагониската рамнина, па и кон Грција. Голем број млади и возрасни луѓе тогаш, секое претпладне и попладне, со своите велосипеди се упатуваа кон Кисела Вода да ги наполнат шишињата од чешмата, а некои досетливи битолчани, продавајќи кисела вода на натпреварите на ФК Пелистер, подоцна станаа и први приватни „бизнисмени“ во градот. Денес Кисела Вода изгледа навистина жалосно. Таа е целосно напуштена. Патот што води до чешмата не само што е руиниран туку е и толку стеснет од бујната вегетација, што не може да помине ни едно возило. Од некогашниот базен, во кој некогаш се разладуваа битолчани, нема ни трага. Тој е целиот покриен од бујната вегетација.
Да не е чешмата за сребрена вода во црквичето „Св. Ѓоргија“, кое се наоѓа во непосредна близина на Кисела Вода, од каде што голем број битолчани полнат т.н. сребрена вода, Кисела Вода целосно ќе биде заборавена.
За Кисела Вода денес не се грижи буквално никој и таа е заборавена не само од луѓето туку и од градот. Поради пропаѓањето на ова некогаш култно излетничко место, еден од сопствениците на „Еврокар“, Пеце Пановски, кој пред повеќе од дваесет години го купи ресторанот од стечајната маса на УТП „Македонија“ и кој заедно со својот партнер имаше големи планови за Кисела Вода, денес има горчина во душата.
Кога за не мали пари ја купивме Кисела Вода, ние сакавме да направиме атрактивно излетничко место. Знаејќи каков привлечен туристички и излетнички центар беше порано, го купивме објектот и веднаш почнавме со негова реконструкција. Планиравме да изградиме модерен мотел со ресторан, летна бавча, голема тераса, а изработивме проект и за целосна реконструкција на околината и реновирање на базенот. Но тогаш некои битолски моќници нѐ спречија во тоа и нѐ стопираа во изведбените работи на објектот, наводно затоа што над ресторанот, кој дотогаш работеше и никому не му пречеше, врвел каналот од Стрежево, а ние со реконструкцијата ќе сме предизвикале свлечиште. Иако ние тогаш вложивме над 150.000 марки за изградба на потпорен ѕид, сепак ни тоа не беше доволно и со ставање привремена мерка, која поради долгото чекање за нас стана трајна, ни ја продолжија забраната да градиме. Тогаш ние престанавме со градбата и го продадовме објектот. Оттогаш немам отидено да видам што станува со објектот и со Кисела Вода – вели Пеце Пановски.
За жал, на ова место битолчани се сеќаваат само по секој трагичен настан, каков што којзнае по кој пат се случи завчера.