Напролет имаме желба да расчистиме со сѐ што не е добро, што ни го загорчува животот, а со самото тоа се отвораме за нови шанси, среќна љубов, искрени прегратки, неизвалкани чувства, велат психолозите
Пролетта годинава ни дојде со многу повисоки температури, а со тоа ги отвори вратите и за сезоната на љубовта, бидејќи, одамна е научно докажано дека во овој период од годината ни цвета и душата. Сонцето станува посмело, а тоа е мамка за пеперутките во стомакот. Порасположени сме, се радуваме што ја пакуваме тешката зимска гардероба и уште потешките мисли, па ни изгледа дека и нашиот одраз во огледалото е поубав.
Статистиката покажува дека љубовните врски што почнале напролет се најдолговечни, додека оние летните се најжешки, но и најкратки, додека зимските имаат најмногу шанси да бидат крунисани со брак. Но што се случува на релацијата пролет – љубов? Според психолозите, во ова годишно време се чистат и душата и телото, луѓето се позадоволни. Додека емитуваме ведрина и оптимизам, сме многу попривлечни за спротивниот пол.
– Во пролет желбата за нов партнер е поизразена од вообичаено, па без оглед на тоа дали сме свесни за тоа, испраќаме пораки со погледот, ставот, начинот на зборување. Кај некого таа вибрација е пред сѐ сексуална. Кога ќе се ослободи од зимската гардероба и од зимските килограми, жената се чувствува попривлечна, а тоа ѝ дава ветер во грбот да биде уште позаводлива. Таа кокетира, флертува и кога не прави ништо. А мажите се будат од зимскиот сон, што го поттикнува нивното либидо, а ако се завртат околу себе имаат посилен мотив: куси здолништа и лесна облека – посочуваат психолозите.
Тим научници од Универзитетот во Грац дошле до заклучок дека жените поретко имаат проблеми со овулацијата во текот на пролетните месеци. Тие го доведуваат тоа во врска со сонцето и витаминот Д, кој го поттикнува создавањето прогестерон и естроген, како и на хормонот на среќата серотонин. Тие добро се чувствуваат во својата кожа и така стануваат поотворени за контакти со припадниците на машкиот пол. Со мирисот на бујната природа се отвораат сите сетила, мислите се поинакви, па и сексот е посензуален.
– Во зима, по правило, сѐ е рутински, бидејќи е студено, во лето премногу се потиме, особено ако температурите се пеколни, а во есен нѐ фаќа меланхолија, па затоа пролетните месеци се како создадени за љубов и секс – велат стручњаците. Истражувачи во САД ги следеле зборовите внесени во пребарувачот Гугл и заклучиле дека напролет се позачестени оние „безобразните“. Меѓутоа, кај други пролетта е желба за нежност, топлина и длабоки емоции. Со зголемувањето на денот, романтичниот занес ги погодува и постудените души.
– Дури и оние најцврстите, тогаш омекнуваат. Ги инспирираат сончевите утра и пријатни вечери, мирисливата природа обоена во убави бои, насмевките на луѓето. Се јавува некое чувство на чистота. Имаме желба да расчистиме со сѐ што не е добро, што ни го загорчува животот. А со самото тоа се отвораме за нови шанси, среќна љубов, искрени прегратки, неизвалкани чувства. Несвесно се вртиме кон позитивните нешта, што ни носат освежување, но и потреба за хармонија и трајна, цврста врска – истакнуваат психолозите.
Креативците се раѓаат напролет
Ако сте креативни, оптимисти или ги имате способностите на лидер, а згора на тоа сте дошле на свет во март, април или во мај, бидете благодарни на тоа што сте родени напролет, велат експертите што се занимаваат со истражување на влијанието на годишните времиња врз здравјето и карактерот. Една студија покажа дека луѓето што се родени во ова годишно време се темпераментни и со позитивен став и лесно можат да го подобрат расположението, па дури и да го зајакнат имунолошкиот систем. – Анализата на однесувањето на повеќе од 300 познати уметници, научници и политичари, покажа дека е точен фактот оти покреативните луѓе се раѓаат во раната пролет – вели доктор Марк Хамилтон, истражувач. Од друга страна, едно неодамнешно истражувањето спроведено во Канада, во кое биле вклучени 375 директори, покажа дека бебињата родени во март и во април, се поспособни да станат лидери или шефови во компаниите во споредба со децата родени во лето.
Со потоплите денови пукаат лошите врски
Тим научници од Универзитетот во Колорадо дошле до заклучок дека нездравите и лоши врски полесно се раскинуваат напролет. Колку и да биле двојките несреќни, во зима поретко се одлучуваат за раскинување, бидејќи се плашат дека ќе бидат осамени и нема да знаат како да ја преболат разделбата. – Штом времето се разубавува и деновите стануваат подолги, луѓето стануваат похрабри во желбата да расчистат со она што им го расипува расположението, а љубовните врски се први на списокот. Потоа се подготвени за нова приказна – посочи Џон Никсон, водач на истражувањето.