Министерството за внатрешни работи ги направило сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, информираат оттаму.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – велат од МВР.
Денеска, околу 14 часот во СВР Скопје беше пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.
Вчера, исто така, по меил осум скопски среди училишта добија закани за подметнати бомби. По направените проверки утврдено беше дека станува збор за лажни пријави.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.
– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките – изјави Спасовски.
Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.
-Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија – порача министерот Спасовски.