До сега во три училишта се завршени проверките и утврдено е дека е лажна пријавата за поставена бомба, а проверките во останатите училишта се во тек, соопштија од Министерството за внатрешни работи за МИА, информирајќи за случајот за денешните пријави за бомби во девет скопски училишта.
Претходно денеска, околу 14 часот во СВР Скопје беше пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.
Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници преземаа мерки за безбедно евакуирање на училиштата.
Дојави за бомби евакуираа девет скопски училишта
Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера, исто така, по меил осум скопски среди училишта добија закани за подметнати бомби. По направените проверки утврдено беше дека станува збор за лажни пријави.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.
– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките – изјави Спасовски.
Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.
-Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија – порача министерот Спасовски.