Фото: Маја Јаневска-Илиева

Девет училишта и денеска добиле закани за поставена бомба. Од МВР за МИА потврдија дека попладнево околу 14 часот во СВР Скопје е пријавено дека на мејл адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.

Веднаш по добиената пријава, нагласуваат од МВР, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР.

Учениците во втора смена од средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје го напуштаат училиштето по дојава за бомба. Полицијата е веќе на терен и училиштето во центарот на Скопје е празнo – известува „Макфакс“, а се појавија информации дека дојави добиле и училиштата „Орце Николов“ и „Владо Тасевски“.

Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.

– Проверени се осумте училишта на чии мејлови беа упатени закани за наводно поставени бомби и утврдено е дека пријавите се лажни – информираа вчера од МВР за МИА.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.

– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.

– Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија – порача министерот Спасовски утрово во интервју на Националната телевизија.