Независното истражување спроведено за ИОК покажа дека вкупно имало 2,01 милијарди гледачи, што е зголемување од пет отсто, а вкупно 713 милијарди гледани минути, зголемување за 18 проценти, во споредба со ЗОИ 2018 во Пјонгчанг

ИОК

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави дека нешто повеќе од две милијарди луѓе ги следеле Зимските олимписки игри (ЗОИ) годинава во Пекинг. Независното истражување спроведено за ИОК покажа дека тоа е зголемување од пет отсто на гледаноста, а вкупно 713 милијарди гледани минути се зголемување за 18 проценти во споредба со ЗОИ 2018 во Пјонгчанг, пренесе „Би-би-си“.
– Покрај значителното зголемување на дигиталното гледање и на преносното покривање, веб-платформите на ЗОИ и апликациите достигнаа 68 милиони уникатни корисници во текот на ЗОИ во Пекинг во 2022 година, над двојно повеќе од досегот постигнат за време на ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година. Речиси половина од анкетираните гледачи на ЗОИ 2022 рекоа дека сакаат да гледаат повеќе покривање на олимписки игри во иднина. Овој апетит е особено силен меѓу младите – објави ИОК, пренесе „Би-би-си“.
Вкупно 2,01 милијарди гледачи се вклучија за да гледаат преноси од Пекинг преку линеарни ТВ и дигитални платформи, објави ИОК на својата интернет-страница.
– ЗОИ 2022 во Пекинг беа дигитално најангажираните ЗОИ во историјата. Во тесна соработка со нашите партнери за правата на медиумите во светот беше овозможено поголемо покривање од кога било досега, вклучувајќи и рекордна бројка преку дигитални платформи. Со глобална публика од над две милијарди, ЗОИ продолжуваат да бидат еден од најгледаните спортски настани во светот – рече претседателот на ИОК, Томас Бах, за интернет-страницата на ИОК.