По половина ден автобусите на скопското Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) се вратија на улиците. Автобусите од изутрина беа гаражирани, возачите одбија да возат, оти не биле во состојба да го прават тоа, бидејќи, како што рекоа, не зеле плата. Тие си ја бараат неисплатената плата за септември, која според законскиот рок треба да се исплати до 15 во месецот.
Поради недостиг на јавен превоз во Скопје имаше огромен метеж, а граѓаните беа нервозни.
-Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата, што особено ме радува, замислите плата. Ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје што се обезбедени средства за наредните три плати. Што значи дека ќе нема потреба да чекаме 15 за да им бидат доделени тие средства на вработените -, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници на ЈСП.
Советот на Град Скопје на втората вонредна седница, одржана од вчера наваму со полно мнозинство изгласа одлука за пренамена на пари од локалната каса.
Постигнат договор за платите во ЈСП, најавено враќање на автобусите во сообраќај
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека парите што сега се наменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие ги должат Министерството за образование и општините.
-Она кое што верувам е дека ќе се поведе соодветна одговорност не само за она што со години се случувало во ова претпријатие, за тешката состојба во која е доведено ова претпријатие, мултимилионските долгови кои ги има ова претпријатие, тие се долгови кои повеќе од деценија се провлекуваат тука. Исто така ние како Град Скопје бараме одговорност од управните одбори кои што верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа затоа што сепак од граѓаните ги добиваат своите паушали – рече градоначалничката.