Фото: М.М.

АД ЕСМ очекува во текот на утрешниот ден да стигнат повеќе понуди за набавка на природен гас, меѓу кои треба да биде и понудата од компанијата „Пегео“ чии контакти ги достави опозицијата.

Како што соопшти денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, се побаруваат вкупно 225 милиони нормални метри кубни за период од шест месеци при што се номинирани месечни количини. Толку е потребно, напомена, ако работат ТЕ-ТО и топланите „Исто-Запад“ и „Скопје Север“.

Ковачевски смета дека ќе има прифатлива понуда, барем за топланите и дека веројатно од вторник наредната недела треба да се склучат договори. Ако тоа евентуално не се случи, алтернатива ќе биде дизелот.

Граѓаните на Скопје, порача директорот, воопшто не треба да се грижат зашто парно ќе има. Ако е неопходно, во краен случај, ќе се активираат и државните резерви.

АД ЕСМ Продажба, повтори Ковачевски, има обврска да го набави природниот гас и да го испорача кон консументите, топланите и евентуално ТЕ-ТО.

-Очекуваме во текот на утрешниот ден да стигнат повеќе понуди. За утре е најавена и понудата од контактите на опозицијата, компанијата „Пегео“. Контактирано е и со „Макпетрол“, номинирани се количините за периодот од 1 ноември до 30 април 2023. Очекувам дека „Макпетрол“ ќе се појави со понуда и дека ќе има и други компании. Ќе ги разгледаме сите понуди, а основен критериум ќе биде најниската цена, но со гаранција дека количините ќе бидат испорачани и дека ќе бидат задоволени потребите на ЕСМ за испорака на природен гас – истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања.

Утре, потенцира, нема да се потпише договор, туку ќе се разгледуваат понудите.

-Очекувам дека ќе има прифатлива понуда, барем за топланите зашто не се големи количини. Веќе е формирана Комисија, се водат процедурите на отворен повик и јавна набавка. Ќе се разгледаат сите понуди и во текот на наредната недела, веројатно од вторник, во тие неколку денови треба да се склучат договори зашто веќе наближуваа 1 ноември кога треба да се задоволат потребите на топланите и евентуално ТЕ-ТО да почне со работа. Ако нема прифатливи понуди (компанија што ќе понуди испорака на гас), односно доколку има нула количини, тогаш ЕСМ се подготвува за работа на топланите на алтерантивно гориво, тоа е дизелот. Граѓаните на Скопје не треба да се грижат, парно ќе има, само прашање е дали топланите ќе работат на природен гас или евентуално, како втора варијанта, на дизел. Обезбедени сме со опрема и со количини дизел гориво за да има непрекината испорака на топлинска енергија – изјави директорот.

Сепак, посакуваното сценарио е работа на природен гас.

-Ако нема можност за испорака на природен гас до државата, алтернатива е работата на дизел. Ги набавивме потребните дизел пумпи, системот што претходно работеше на мазут го санираме, го чистиме, пумпите ќе бидат поставени и до 1 ноември ќе бидеме подготвени ако нема испорака на природен гас, да се работи на дизел. За количините на дизел ќе распишеме јавна набавка. Ако и тоа не се случи, постојат државни резерви. За тоа има време, вработените ги прават сите напори, наредната недела ќе бидеме подготвени, пред 1 ноември ќе бидеме подготвени – рече Ковачевски.

Тој информира дека во изминатиот период ЕСМ имала контакти со компании кои најавиле доставување понуди за набавка на природен гас за топланите, но се барале и дополнителни количини преку некој од добавувачите за работата на ТЕ-ТО. Како што нагласи Ковачевски, препорачливо е од почетокот на ноември и ТЕ-ТО да биде во функција заради испорака и на електрична и на топлинска енергија.