Градската управа на Киев во раните утрински часови објави предупредување поради опасност од воздушен напад.
– Предупредување за воздушен напад за Киев. Веднаш тргнете во засолништата за цивилна заштита – беше објавено на официјалниот Телеграм канал на градската управа.
Слични предупредувања беа издадени во регионите Черкаси и Кировохрад, Миколаев и Запорожје.
Предупредувања се издадени и во регионите Дњепропетровск и Харков.
Украина денеска првпат воведува рестрикции на електрична енергија низ целата држава поради руските ракетни напади што уништија дел од нејзините енергетски постројки в пресрет на зимата.
Снабдувањето со електрична енергија ќе биде ограничено од седум до 11 часот наутро, соопштија владини претставници и електро операторот „Укренерго“. Ќе биде ограничено и уличното осветлување.
Иако овие ограничувања на потрошувачката се само за денеска, „не исклучуваме со почетокот на зимата почесто да се обраќаме за помош кај вас“, им се обрати „Укренерго“ на претплатниците.
Изминатите денови Русија ги засили нападите со ракетни и беспилотни летала врз инфраструктурата за електрична енергија и вода во Украина.
Во синоќешното видео обраќање, украинскиот претседател Влaдимир Зеленски истакна дека во последните 24 часа биле уништени три енергетски објекти.
Во меѓувреме во Киев веќе започна исклучувањето на струја, јави Укринформ.
Снабдувањето со електрична енергија синоќа во 23.24 часот по локално време, било прекинато за да се избегне хаварија.
Според компанијата за испорака на струја до потрошувачите, ниту еден од нив во главниот град денеска нема да биде без струја повеќе од четири часа.
Германскиот претседател Франк – Валтер Штајнмаер ја откажа денешната посета на Киев поради безбедносни причини, соопштија од неговиот кабинет.
Тој бил советуван да не замине во Киев од страна на германските служби и Министерството за надворешни работи.
Нагласено е дека посетата сепак ќе се реализира и тоа наскоро.
Штајнамер планираше да го посети главниот град на Украина уште во април. Киев првично одби да биде домаќин поради неговата поддршка во минатото за политиката на зближување со Русија.
Пред 10 дена Русите силно го бомбардираа Киев и други украински градови, а ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, при што нивна главна цел беа енергетски постројки на западот на Украина.