Голем е бројот на тркачи што сакаат да ја разбијат монотонијата на трчањето и да ги проверат силата и потенцијалот на своето тело, па се одлучуваат да се пробаат и на трките со пречки.
Таква можност ќе имаат утре (недела) во 10 часот на трката на „ОЦР Скопје“, која ќе се одржи на терените на парк-шумата Гази Баба, а чиј поддржувач е првата приватна општа болница „Ре-медика“.
Ова е втора ваква трка по ред кај нас, по „Леуново ОЦР“ – трка со совладување пречки во планинска средина во селото Леуново, Мавровско.
– Се стремиме да понудиме авантура, секоја подобра од претходната. За „ОЦР Скопје“ спремивме нови пешадиски пречки што ќе му го збогатат искуството на секој еден тркач. Расположението е исто како за Скопскиот маратон, највисоко. Позитивните импресии од учесниците ги надминаа нашите очекувања. Ние како организација собравме искуство што ќе го пресликаме на претстојната ОЦР-трка – велат од „ОЦР Скопје“.
Настанот претставува спортско-рекреативно натпреварување во кое учесниците треба пеш да совладаат 10 километри низ шумска патека исполнета со пешадиски пречки, кои ќе треба да ги совладаат како контролни точки.
Пешадиските пречки претставуваат баланс-греда, качување по јаже, прескокнување преку дрвен ѕид, носење товар (вреќи наполнети со песок во оптимална тежина) на одредено растојание, ползење по кал, фрлање копје, совладување стрмен терен и слични други пречки изработени од дрво и од метал, како и природни пречки што се наоѓаат на теренот, потоци, вирови и слично.
Учесниците можат да се натпреваруваат индивидуално или тимски, со тоа што е важно тимот да има над четворица учесници, со тоа што за пласман ќе се земат времињата од три најдобри времиња за мажи во тимот и едно време за жени.
Од „ОЦР Скопје“ велат дека во зависност од темпото на трчање, секоја пречка носи своја тежина.
-Сите пречки се совладливи, но потребни се сила и техника, која ние како организација сметаме дека секој наш учесник ја има. Пречките се невидливи за учесниците до самиот почеток. ОЦР-трките немаат навика да откриваат многу детали за самата патека и за пречките во неа, поради тоа што се смета дека непознатото ја обликува авантурата – посочуваат оттаму.
Сепак, според нив, најтешкиот аспект за организација на една ваква трка се финансиските средства, кои тешко се собираат по пат на неуморна потрага по спонзори и поддржувачи.
-Засега организацискиот ентузијазам е на високо ниво и се надеваме дека овој спорт ќе го види светлото во иднина и ќе наиде на соодветна поддршка, а со тоа ќе стане добро етаблиран во друштвото спортови – додаваат организаторите, кои изразија благодарност до „Ре-медика“ за поддршката.
Трката е наменета за сите физички добро подготвени луѓе, без исклучоци.