Руските сили извршиле уште еден ракетен напад врз градот Запорожје, а во еден од окрузите избувнал пожар, пренесуваат украинските медиуми.
Шефот на регионалната воена управа на Запорожје, Олександар Старух, ја потврди информацијата дека во раните утрински часови Русите уште еднаш истрелале ракети кон украинскиот град Запорожје. Старух подоцна појасни дека нападот бил извршен со три ракети од системот „С-300“.
Запорожје изминатите неколку дена е меѓу главните цели на руските ракетни напади.
Украинската армија изминатиот месец ослободила од руска окупација повеќе од 600 населени места, од кои 75 се во стратешки исклучително важниот регион Херсон, соопшти украинското Министерство за реинтеграција на привремено окупираните области. Според синоќа објавеното соопштение на Министерството, околу 500 населби се ослободени во североисточниот регион Харков, каде што украинските сили постигнале голем напредок откако минатиот месец биле пробиени руските линии на фронтот.
Притоа се наведува дека 43 населени места се ослободени во регионот на Донецк, а седум во регионот на Луганск.
„Површината на ослободените украински територии е значително зголемена – соопшти украинското Министерство на својата веб-страница.
Информациите не се потврдени од неутрални извори, а официјална потврда нема ниту од украинската армија, ниту од Кабинетот на украинскиот претседател.
Регионите Херсон, Донецк и Луганск, заедно со Запорожје, беа „анектирани“ од Русија на крајот на минатиот месец, во мигови кога се спроведуваше контраофанзива на украинските сили во три насоки на фронтот, и тоа кон североисток, исток и кон југ. Руските „анексии“ беа наречени нелегални и од Киев и од Западот.
Рускиот гувернер на украинската област Херсон вчера апелираше до населението да ја напушти областа поради продолжените борби меѓу руските и украинските сили.
Украина започна контраофанзива на крајот на август за да ги истера руските сили од окупираните територии заземени на почетокот на војната во февруари. Русија сè уште нападот врз Украина го нарекува „специјална воена операција“.