Илон Маск/Фото: Принт-скрин

Најбогатиот човек на светот, Илон Маск, зборувал со рускиот претседател Владимир Путин пред да ги каже своите идеи за разрешување на војната во Украина, кои главно се поклопуваат со барањата на Путин, објави синоќа изданието „Форбс“.

Магазинот го цитира Јан Бремер, основач на инвестицискиот фонд „Евроазија груп”, иако Маск веднаш ја демантираше веста. Маск синоќа на Твитер напиша дека ова не е вистина, со напомена дека зборувал со Путин само еднаш и тоа пред 18 месеци, а тема била вселената.

Според „Форбс“, Бремер испратил порака до клиентите дека самиот Маск директно му кажал за разговорот со Путин пред две недели. Форбс ја поседува електронската порака, претходно објавена од изданието „Вајс“.

Според пораката, Путин му рекол на Маск дека Украина мора да прифати најмалку неколку услови, како признавање на Крим и украинските источни региони Донецк и Луганск за руски и да вети дека ќе биде неутрална. Бремер е политички научник и консултант кој прв објави дека поранешниот претседател Доналд Трамп во 2017 година имал тајна средба со Путин.

Овие услови се слични на оние што Маск ги објави во анкетата на Твитер од минатата недела. Во неа милијардерот сугерираше Украина да остане неутрална, формално да го предаде Крим на Русија и одржување на референдум под монитиринг на ОН, во кој би се гласало дали украинските територии да се приклучат на Русија или да останат со Украина, иако Кремљ веќе ги обележа како свои во меѓународно оспорениот референдум од минатиот месец.

Мировниот план го внесе Илон Маск во твитер-пресметка со Зеленски