„Мојот роден град“ e концерт на камерно – солистички дела на Властимир Николовски што ќе се одржи во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ вечерва од 19 часот. Композициите ќе ги изведуваат солисти од ансамблот КонТемпора. Учествуваат
Валентина Велковска – Трајановска како модератор, баритонот Горан Начевски, Елена Атанасовска – Ивановска – пијано, Ана Митоска – сопран и Христина Никоска –
Тасеска – пијано. Автор на плакатот е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска

Во годината кога СОКОМ го одбележува својот 75-ти јубилеј, ЦК „Марко Цепенков“ во соработка со ансамблот КонТемпора организира концерт посветен на еден од композиторите што ја изградиле музичката култура и наследство со своето богато творештво, дела на кои во неговиот роден крај не сме се навратиле повеќе од четириесетина години (можеби и повеќе), дела што го сочинуваат фондот на македонската музичка творечка историја, композиторот роден во Прилеп – Академик
Властимир Николовски.

– Избраните дела од овој композитор се ретко застапени на концертните подиуми поради тежината и комлексноста која што со себе ја носи неговата современа творечка мисла. Од богатото творештво на Николовски, СОКОМ во соработка со НУЦК „Марко Цепенков“ направи избор и ги обезбеди партитурите за неколку камерно – солистички дела кои ќе бидат изведени на концертот. Низ делата публиката ќе ја спроведе модератор, кој ќе се наврати на сеќавањата за овој композитор и неговите творечки импресии – велат од КонТемпора, ансамбл при СОКОМ, ориентиран кон претставување на нови дела од домашни и странски автори, одржувајќи ја неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот низ изведби на новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Ка.М.