Државата го заокружи целокупното финансирање на буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки. Министерот за финансии, Фатмир Бесими за време на гостувањето на Дневникот на Сител, посочи дека цената на обезбедениот капитал за финансирање на буџетскиот дефицит и старите долгови кои доспеваат е по најповолни услови, поради заложбите на Владата за навремено обезбедување на капитал за финансирање на антиктризните мерки, но и другите буџетски потреби како зголемувањето на пензиите, социјалната помош, минималната плата, земјоделските субвенции и поддршката на фирмите за време на тековната криза.
Со Кредитната линија за претпазливост на ММФ, за која денес Мисијата на ММФ даде позитивна оценка за користење за нашата земја и која се доделува исклучително на економии со здрави економски фундаменти и со здрави политики, заокружено е потребното финасирање на буџетот за годинава.
– Ние цела година, од почетокот на кризата, работевме на поповолни услови за финансирање на буџетот, подобри во однос на оние кои би ги добиле доколку издадевме еврообврзница. Доколку издадевме еврообврзница, каматната стапка ќе се движеше околу 8-8,5 проценти. Ние оценивме дека условите не се поволни и затоа не излеговме со еврообврзница, а ниту земјите во регионот, иако имаше обиди за тоа, поради високите каматни стапки кои достигнуваа и до 11 проценти. Сепак, успеавме да направиме оптимално портфолио согласно рочноста и ниските трошоци. Тука се средствата во износ од 250 милиони евра преку германската обврзница – инструмент кој досега нашата земја не го издавала, со каматна стапка 3,75 проценти и 6-месечен ЕУРИБОР. Понатаму, тука се средствата преку кредитната линија за претпазливост на ММФ – ПЛЛ, каде каматната стапка е околу 1отсто, плус камата на СПВ. Преку комерцијалната банка, „Шпаркасе“, обезбедени се 50 милиони евра со камата од 1,15 проценти и 12-месечен ЕУРИБОР. Преку државни хартии од вредност на домашен пазар обезбедени се средства по понедрирана камата од околу 2,6 проценти. Тука се и средствата кои ги користиме како депозит од минатата година во износ од 250 милиони евра со камата од 1,6 проценти. Во просек заедно со депозитот од претходната година ние постигнавме каматна стапка од 3,3 проценти – посочи Бесими.
Министерот оцени дека денешната објава на ММФ за користење на 530 милиони евра од Линијата за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ, е јасен и позитивен сигнал за политиките на нашата економија кон странските инвеститори. Тој посочи дека оваа програма се дава исклучително за земји што имаат здрави макроекономски политики.
Во интервјуто министерот Бесими истакна дека во Буџетот има доволно средства за покривање на потребите, како и за мерките за намалување на ефектите од кризата. Сепак, нагласи дека тековната светска економска криза е една од најголемите од Втортара светска војна наваму и дека можноста целиот шок да се покрие преку буџетот, а без при тоа секој поединечно да не направи заштеда од аспект на користење на електричната енергија е невозможно.
Министерот се осврна и на новиот пакет мерки, за кој рече дека ова не е прв пакет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, туку дека во континуитет се носат мерки и политики за справување со кризата.