Во Владата попладнево почна средбата на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која треба да се разговара за енергетската криза и за начините како да се ублажат последиците од неа.
Мицкоски на доаѓање во Владата пред средбата изјави дека како партијата се подготвени да понудат решенија за тешката состојба во енегретиката и кризата што го погодува граѓаните.
– Самиот факт што денес само 500 семејства во Скопје се разбудија со топли радијатори е доволен доказ дека работата не е сјајна, би рекол, катастрофална е работата. Цениме дека како ВМРО ДПМНЕ во овие тешки моменти треба да се помогне. Тоа го правиме веќе две недели. Разговаравме и со коморите разговаравме и со бизнисот. Нормално секојдневно комуницираме со граѓаните. Побаравме и официјална средба и еве конечно дали беше од суета или од други причини, вчера добивме потврден одговор од страна на Ковачевски дека ќе најде време да не прими и слушне нашите предлози, нашиот концепт којшто не се однесува само за оваа есен и зима, туку се однесува и за следната година. Цениме дека во овие тешки моменти, потребно е да помогнеме на граѓаните на Македонија, и тоа е момент кога треба да покажеме државност, а не да собираме политички поени. Тоа е суштината – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашан дали очекува нивните идеи да бидат земени предвид и што доколку не бидат прифатени, Мицкоски кажа дека тоа не зависи од нив.
– Ние сме опозиција, цениме дека имаме квалитетен предлог, одличен предлог којшто им се допадна претходно на коморите. Не гледам причина коморите тоа го прифатија, зошто Владата да не го прифати имајќи предвид дека нивниот капацитет е помал од страна на Владата од тој што е на коморите – изјави Мицкоски.
На средбата, покрај Мицкоски, присуствува и економски тим на партијата кој, според претходните најави од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го презентира нивниот план за надминување на последиците од кризата.
Средбата доаѓа по неколкудневните несогласувања за евентуални разговори откако Мицкоски го повика Ковачевски на тв дуел. Вчера, Ковачевски го повика Мицкоски да присуствува на седницата на Економскиот совет на Владата закажана за среда, но Мицкоски ја одби поканата изјавувајќи дека не гледа потреба да присуствува на седница на Советот затоа што во него членуваат истите луѓе кои не ги решиле проблемите во ковид кризата.