ПРОЕКТ „ШАХ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА“
На обуката, која ја одржа членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски, присуствуваа дваесетина наставници и наставнички што изразија желба да го вклучат шахот како изборен предмет во нивните одделенија
По Штип, Куманово, Скопје, наставна обука по предметот Шах, кој од септември годинава е на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и петто одделение, се одржа и во Гостивар. Обуката ја организира Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), во соработка со Министерството за наука и образование и локалната самоуправа на Гостивар. На обуката присуствуваа дваесетина наставници и наставнички што изразија желба да го вклучат шахот како изборен предмет во нивните одделенија.
– Обуката ја одржа членот на УО на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски, и сѐ мина во најдобар ред. На настанот присуствуваше и раководителката на општинскиот сектор за образование, Аслијан Снопче, која во оваа пригода истакна дека Општината им ја дава својата поддршка на наставниците што сакаат да го вклучат шахот во нивната образовна програма и со тоа ќе ги мотивираат децата да го одберат шахот како изборен предмет – ни изјави искусниот гостиварски шахист Воислав Мерџаноски, кој беше и дел од организацијата на овој настан.
Од ШФМ се задоволни како се одвиваат работите на овој план.
– Им благодариме на Воислав Мерџаноски, Зоран Стојчевски и на Општина Гостивар за шаховската обука на наставниците што се одржа во Гостивар. Сѐ е полесно кога се работи организирано. Од досега пријавените 200 наставници од цела Македонија, стотина веќе ги посетија обуките по шах. Некои од нив ќе започнат со настава месецов, а некои од второто полугодие на оваа учебна година. Одиме понатаму, остануваме отворени за соработка со сите што сакаат да се приклучат сега или подоцна – велат од ШФМ. Г.И.