ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ОКТОМВРИ

ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.538) и ЖФМ Моника Стојковска (2.050) и понатаму водат на македонската рејтинг-листа

Најдобрите десет места на машката и женската листа главно се резултат од машкиот Синкфилд-куп во САД и женскиот Гранпри на ФИДЕ во Казахстан. Индиецот Вишванатан Ананд, по октомври 2019 година, повторно е во топ 10 и сега е деветти (2.756 рејтинг-поени). Русинката Александра Костењук исто така се врати меѓу првите 10 (деветта, 2.521), по нејзиниот добар настап на Гранпри-турнирот во Казахстан, каде што го освои четвртото место. Германецот Винсент Кејмер освои нови седум поени и влезе во клубот на шахисти со 2.700 рејтинг-поени, а моментно е 39-ти во светот. Индиецот Рамешбабу Прагнананда (17) постојано се искачува на ранг-листата, па по солидниот настап на „Опен Дубаи“ впиша 11 рејтинг-поени, или вкупно 66 од март, и сега е на 52-то место (2.687).

На машката рејтинг-листа нема големи промени на врвот. Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.856), и понатаму е прв, иако загуби пет поени во однос на септември. Втор е Кинезот Динг Лирен (2.811, плус три поени), трет е Русинот Јан Непомнијашчи (2.793, плус еден поен), четврти е натурализираниот Французин, Алиреза Фирузја (2.785, плус седум поени), а петти Американецот Весли Со (2.774, плус три поени).

И на женската рејтинг-листа нема промени на врвот. Води Кинезинката Јифан Хоу (2.638, минус 12 поени во однос на септември) и моментно е единствена со над 2.600 поени од активните шахистки, пред Русинката Александра Горјачкина (2.584, плус пет поени), трета е Индијката Химпи Конеру (2.574), додека четврта е победничката на Гранпри-турнирот во Казахстан, Русинката Катерина Лагно (2.563, плус 16 поени).

ВМ Кирил Георгиев (2.538) и понатаму води на македонската листа, а следуваат ВМ Никола Митков (2.497), ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.465), петти е ВМ Александар Чоловиќ (2.440), додека ВМ Владимир Георгиев (2.406, минус 36 поени), кој беше петти во септември, сега е осми итн. ЖФМ Моника Стојковска (2.050), пак, и понатаму ја задржа челната позиција кај македонските шахистки. Македонија (мажи) назадуваше за едно место и сега 54-та (со просечен рејтинг на првите 10 играчи од 2.444 поени, минус четири во однос на септември), меѓу 170 шаховски федерации во светот, а Македонија (жени) е на 57-то место (1.937) од 116 држави. Кај мажите први се САД (2.728), пред Русија (2.713) и Индија (2.695), која ја помина Кина (2.691), додека кај жените и понатаму води Кина (2.470), пред Русија (2.455) и Индија (2.415). Г.И.