Пендаровски на отворање на гасниот интерконектор Грција – Бугарија
Претседателот Стево Пендаровски, по покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, во Софија ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.
На церемонијата ќе присуствуваат и Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Грција, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија, како и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.
Според најавите од Кабинетот на македонскиот претседател, предвидено е претседателот Пендаровски да се сретне со неговиот бугарски колега Румен Радев, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект ИГБ) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близината на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близината на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има цел да обезбеди диверзификација, не само на маршрутите туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Граѓаните сѐ повеќе ги користат дигиталните канали за плаќање
Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2022 година, забележаа годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 22,9 отсто и 17,8 отсто, соодветно. Притоа, бројот на извршени трансакции забележа годишен раст од 18,3 отсто на физичките места на продажба, односно од 12,6 отсто, на виртуелните (интернет) продажни места, во споредба со вториот квартал од 2021 година. Овие податоци укажуваат дека граѓаните и натаму сè повеќе ги користат дигиталните канали за вршење на плаќањата.
Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во вториот квартал од 2022 година е забележан годишен раст од 14 отсто кај вредноста на трансакциите, односно 5,5 отсто кај бројот на извршените трансакции, во споредба со истиот период од 2021 година.
Граѓаните и понатаму ги користат придобивките од електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2022 година се зголемил за 11 отсто на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации (раст од 19,9 отсто на годишна основа), што повторно укажува на натамошно менување на навиките при извршувањето на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.
Во првото полугодие на 2022 година, кај граѓаните е остварен годишен раст на вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери од 15,1 отсто, односно 10,9 отсто, соодветно.
Раст на индустриското производство
Индустриското производство во периодот јануари – август 2022 година бележи зголемување за 1,1 отсто во однос на истиот период лани, додека во август 2022 во споредба со август 2021 раст од 0,2 процента.
Гледано по сектори, како што наведуваат од Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во август 2022 година, во однос на август 2021 година бележи пораст од 2,4 отсто, во секторот преработувачка индустрија зголемување од 2,5, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 11, 5 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во август 2022 година во однос на август 2021 година, бележи пораст кај капитални производи за 13,1 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 12,8 и нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,6, додека опаѓање бележи кај енергија за 9,4 и интермедијарни производи, освен енергија за 4,8 отсто.