Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ЛИГА Ц

Македонија загуби од Бугарија (0-1), но останува во лигата Ц во следното издание во ЛН. Севкупно, ефектот на Македонија во ЛН е разочарувачки, освоено е третото место во групата, со седум бода, по двете победи, и тоа над аутсајдерот Гибралтар, трите порази, два од Грузија и еден од Бугарија, и едното реми, со Бугарија, со скор 7-7

Македонија со пораз дома, во Скопје, во последниот меч, од Бугарија (0-1), ја заврши годинашната лоша кампања во Лигата на нации (ЛН) во фудбал, во лигата Ц, како што и ја почна во јуни, со убедливиот пораз од Грузија (0-3), исто така во Скопје, на арената „Тодор Проески“. Македонија не беше послаб ривал, на моменти беше дури и подобар, иако 75 минути имаше играч помалку, по директниот црвен картон што го доби бекот Тодор Тодоровски во 14-та минута. Но на почетокот од вториот дел, во 50-та минута, прими гол од класичен контранапад што се покажа и како решавачки.
Севкупно, ефектот на Македонија во ЛН е разочарувачки. Освоено е третото место во групата, со седум бода, по двете победи, и тоа над аутсајдерот Гибралтар, трите порази, два од Грузија и еден од Бугарија, и едното реми, со Бугарија, со скор 7-7. Македонија останува во лигата Ц и во следното издание во ЛН, но останува и без бараж за настап на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија.

Селекторот Благоја Милевски имаше многу проблеми со повредите и со лошата форма на неколкумина клучни играчи во завршницата на ЛН, а претходно во јуни се жалеше дека играчите се преморени по напорната лигашка сезона. Недостига и лидер на теренот, кој ќе го диктира темпото на играта, јасно во зависност од противникот, но нема кој(и) да ги реализира и шансите што се создаваат. Милевски ќе има тешка задача да го врати тимот во победнички ритам, и тоа многу брзо, на стартот од квалификациите, во март 2023 година, за пласман на ЕП 2024 во Германија. Првата шанса за пласман на тоа ЕП, преку плејофот во ЛН, е загубена, сега останува да се почека на ждрепката (на 9 октомври во Франкфурт), за составот на групите, и да се види кои ќе ѝ бидат ривалите на Македонија. Милевски уште кога седна во селекторската фотелја, лани во август, најави дека крајната цел на оваа генерација ќе биде настап на тоа ЕП во Германија.
– Тоа што го одигравме во квалификациите за СП и во баражите е зад нас, но ни дава за право да кажеме дека сме на добар пат, без разлика на сите проблеми што ги имаме, многуте откажувања и натпреварувачката форма. Против Грузија одигравме добар натпревар и против Бугарија момците покажаа голема желба за победа и немам ништо да им забележам од таа страна, во нив има потенцијал. Се наоѓаме во период на транзиција, младите играчи што доаѓаат мора да добијат поголема минутажа за да бидат конкурентни во квалификациите и ќе мора да размислиме за тоа кој сѐ ќе игра на следните пријателски натпревари – вели Милевски.

Ова беше трето издание на ЛН, кое се игра на секои две години. Првпат победи Португалија во 2019-та, а потоа Франција во 2021 година. Л.Д.