По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и одржани судски рочишта на кои беа изведени предложените докази, во Основниот кривичен суд Скопје беше објавена осудителна пресуда за К.С. – командир на полициска станица, обвинет за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На обвинетиот за кој обвинителството докажа дека го сторил кривичното дело што му става на товар, судот му изрече казна затвор во траење од четири години и шест месеци.
-Aкцијата беше реализирана во месец април минатата година во соработка со Американската агенција за борба против наркотоци – ДЕА, по што надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица осомничени дека сториле кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик – соопшти Обвинителството.
Во текот на истражната постапка, како што е посочено во соопштението, петмина обвинети склучија спогодба со јавниот обвинител и притоа правосилно се осудени на ефективни казни затвор во траење од по 5 години за Д.Ј. и А.У. и од по 3 години и 6 месеци за М.З., М.С и Г.К.
-Д.Ј. и А.У. на почетокот на месец април 2021 година договориле зделка со НН лице од Р.Грција, па неовластено заради продажба, набавиле, наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199, 444 килограми која ја држеле на непозната локација. Откако Д.Ј. пронашол потенцијални купувачи на наркотичната дрога, со обвинетиот А.У ги договорил деталите за примопредавањето на дрогата и се упатил кон Гевгелија.
Обвинетиот А.У., со ТМВ марка Ивеко со македонски национални регистарски ознаки, неовластено ја пренел дрогата од неутврдената локација до паркинг просторот на ресторан во с.Радобил, прилепско и со ПМВ марка Дачиа Дастер заминал да се сретне со потенцијалниот купувач, а обвинетите М.З. и М.С. останале да внимаваат на возилото со наркотичната дрога. Откако А.У. се сретнал со купувачот, му кажал соТМВ комбе марка Цитроен Џампер со грчки национални регистарски ознаки, да се движи по него и заедно се упатиле кон Прилеп, додека обвинетите Г.К. како возач и К.С како совозач со ПМВ марка Ауди А8 ги следеле.
На паркинг просторот во с.Радобил додека обвинетите А.У., М.С. и М.З ја префрлувале наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии од ТМВ марка Ивеко во ТМВ комбе марка Цитроен Џампер, обвинетите Г.К. и К.С. биле паркирани на ислучокот кон с.Радобил за да го набљудуваат движењето по магистралниот пат Прилеп – Градско и да го обезбедат претоварањето на дрогата.
Откако дрогата била сместена, обвинетиот М.С. управувајќи го ТМВ марка Ивеко се упатил кон Прилеп, додека останатите обвинети со три ПМВ и ТМВ во кое била дрогата, се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско, движејќи се во колона еден зад друг. Кога пристигнале на клучката за с.Раец од страна на полициски службеници на МВР биле запрени и по извршениот претрес, лишени од слобода. Во исто време во Прилеп е лишен од слобода обвинетиот што го управувал ТМВ марка Ивеко, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил уапсен и обвинетиот – организатор на криминалната група, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Со пресудите, освен изречените ефективни казни затвор, одземени се и движни ствари меѓу кои: 17.360 евра, 40 швајцарски франци, 53.200,00 денари, 13 мобилни телефони, ТМВ марка Ивеко, два луксузни рачни часовници, еден лаптоп, ГПС навигација, два метални боксови и нож.