Македонија беше одлична, четврта, на Европското првенство во кошарка во 2011-та, на следното во 2013-та беше на 21-то место, во 2015-та исто така меѓу најлошите (19-та), а во 2017-та не се квалификува за завршницата, како и на ЕП 2022. Во моментов, Македонија игра во претквалификациите за пласман на ЕП 2025, со кошаркарските аутсајдери Данска, Норвешка и Словачка
„Леле, луѓе, што направивме“ беа зборовите на кошаркарот Владо Илиевски по фамозната победа на Македонија над домаќинот и еден од фаворитите за највисок пласман, Литванија, во четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) во 2011-та, на 14 септември. Таа реченица на Илиевски остана запаметена меѓу граѓаните, но и меѓу првите ми падна на ум гледајќи го неделното финале на ЕП 2022, на кое титулата ја освои Шпанија, која во борбата за златото ја совлада Франција. На ЕП пред 11 години, незаборавно за Македонија, како и завчера, триумфира Шпанија, која тоа го повтори на ЕП во 2015-та и 2022-та, плус двапати беше трета, во 2013-та и 2017-та. Факти што говорат за нивниот трофеен континуитет, но и за континуитетот во работењето, во селектирање и во сѐ друго без што нема успех.
Каде е Македонија во оваа кошаркарска приказна? По фантастичното ЕП 2011, на следното во 2013-та во Словенија драстичен пад, не ја минавме ниту групата, бевме последни, шести (ефектот беше една победа и четири порази), на делба на 21-та позиција. На ЕП 2015, исто така, меѓу најлошите (19-ти), претпоследни, петти во групата, со идентичен скор, 1-4. На ЕП 2017, Македонија не се квалификува за завршницата, како и на ЕП 2022. Во моментов, Македонија игра во претквалификациите за пласман на ЕП 2025, со кошаркарските аутсајдери Данска, Норвешка и Словачка.
Македонија има кошаркарско педигре со кое може и треба да се гордее. Некако се навикнавме да ја гледаме во завршницата на ЕП, уште од дебито во 1999-та во Франција, па веројатно оттука и жалењето за нашето неиграње со најдобрите. А зошто нѐ нема таму и зошто македонската кошарка оди по надолна линија, треба многу повеќе простор за да се објасни. Пред сѐ, многу е тешко, речиси невозможно да се изнедри генерација квалитетни играчи како што се Петар Наумоски, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Владо Илиевски, браќата Дамјан и Војдан Стојановски и натурализираниот Лестер Бо Мекејлеб, кои играа речиси во исто време. Тешко и дека во блиска иднина ќе имаме шанса на таков величествен начин на плоштадот во Скопје да пречекаме некоја друга репрезентација.
Од оваа перспектива, но и според сегашниот однос на кошаркарските сили во Европа, пласман на Македонија меѓу најдобрите на финален турнир личи на научна фантастика, но играњето во завршницата не би требало да се доведува во прашање, иако и тоа сѐ повеќе станува проблем. Тоа се реалните тешко решливи проблеми, на кои им се додадоа организациските и кадровските во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Честите смени на претседателите и уште почестите смени на селекторите во минатата деценија се клучните работи. По Марин Докузовски во 2011-та, беа ангажирани десетина селектори (пред нив беа само тројца!), кои на функциите беа по една година или помалку, што, благо речено, е чудно. Прашањето е кој и како ги бира(ше), и претседателите и селекторите, според кои критериуми, што се бара од нив, постои ли некаков краткорочен план, стратегија. Очигледно не, бидејќи сѐ повеќе личи на импровизација, на стихија, отколку на некаков издржан план, за некаква визија за прогрес. Како тргнало, допрва ќе назадуваме, бидејќи не ни оди подобро ниту со помладите категории кошаркари.
Работењето по клубовите и во многубројните школи и „академии“ низ Македонија не е на потребното ниво и повеќе се сведува на комерција, на масовност, на брза заработка, отколку на секојдневни стручни тренинзи. Тоа што овде-онде ќе се појави некој редок, несекојдневен талент е само исклучок и потврда на тезата дека нема континуирана работа. Но ако е за утеха, треба да се знае и дека многу посилни, поорганизирани кошаркарски нации од Македонија, пред сѐ Србија и Хрватска, исто така, имаа периоди на стагнација, не само на резултатски туку и на стручен и организациски план. Примерот што можеби треба да го следи Македонија, не само во кошарката, е Словенија, европскиот шампион од 2017-та, која беше шеста на штотуку завршеното ЕП. Словенците не се успешни само во кошарката, тие освојуваат медали речиси во сите спортови, на европско и на светско ниво, и се сметаат за вистинска спортска нација. Споредбите можеби се неумесни, секоја земја треба да си го бара и да си го најде својот пат, некој ќе рече и дека Македонија е многу посиромашна, што е точно. Но и Словенците немаат вишок пари, и тие имаат мака со финансирањето на спортот и на спортистите, но, ете, се приспособуваат, очигледно подобро се организирани, наоѓаат пари за спортските програми, инвестираат во спортските објекти, работат и освојуваат трофеи.
Слично, па и полошо е и со многу други традиционални, повеќедецениски манифестации, како што се пливачките, како Охридскиот маратон, кој едвај се одржа, скијачките, Шарпланинскиот куп и Мавровскиот меморијал, кои згаснаа. Кајакарскиот ИКАС, боксерскиот „Златен гонг“ и боречкиот „Македонски бисер“ некако опстојуваат итн
Македонија нема поиздржан план и стратегија за развој на спортот во сите сегменти. Работите кај нас се решаваат кампањски, од денеска до утре, кога ќе загусти, за што најсвеж пример е Охридскиот маратон, кој се организираше „во 5 до 12“, наместо со подготовките да се почне веднаш, по завршувањето на ланскиот. Слично, па и полошо е со многу други традиционални, повеќедецениски манифестации, како што се скијачките, Шарпланинскиот куп и Мавровскиот меморијал, кои згаснаа. Кајакарскиот ИКАС, боксерскиот „Златен гонг“ и боречкиот „Македонски бисер“ некако опстојуваат, и толку. Како причина за тоа се наведува немањето пари. Да, нема пари за спорт, но има, и тоа многу, за редица други непотребни работи. (Не)функционирањето на спортските објекти, стадиони, сали, базени итн., кои се дадени под концесии или се „ничии“, исто така е горлив проблем, чие решавање постојано се одложува. Тие што се во функција, пак, работат строго комерцијално и нивните газди им бараат многу пари на клубовите и на спортистите за користење. А сите сакаме квалитетен спорт, успешни спортист(к)и. Но без добра организација, добро менаџирање, солидна инфраструктура, без квалитетни тренери, спортот во Македонија и натаму ќе тапка во место, не само што нема да оди напред туку и ќе назадува.