Фото: Пиксабеј

Според повеќе извори, Пентагон проценил дека трошоците за војната против Иран досега се околу 25 милијарди долари, но таа бројка не ја вклучува обновата на оштетените американски воени бази во регионот.

Вистинските вкупни трошоци би можеле да достигнат помеѓу 40 и 50 милијарди долари кога ќе се вклучат и поправката на инфраструктурата и замената на уништената опрема, објави „Си-ен-ен“.

Во раните фази од конфликтот, иранските напади погодија неколку американски воени објекти на Блискиот Исток, вклучувајќи ги базите во Бахреин, Кувајт, Ирак, Обединетите Арапски Емирати и Катар, велат изворите.

Функционерот на Пентагон, Џулс Херст, му рече на Конгресот дека поголемиот дел од 25-те милијарди долари биле потрошени за муниција, додека американскиот министер за одбрана Пит Хегсет не прецизираше дали износот ги вклучува трошоците за поправка на базите.

Според истите извори, Пентагон претходно му кажа на Конгресот дека војната во раните денови чинела околу 11 милијарди долари, додека се разгледува дополнително финансирање кое би можело да надмине 200 милијарди долари.

Висок функционер на Пентагон задолжен за финансии претходно изјави дека американската војна во Иран досега чинела 25 милијарди долари, што е прва официјална проценка на трошоците на војната.