Со завршни зборови пред Основен кривичен суд Скопје денеска беше завршено судењето против тројцата полицајци од Кочани – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, обвинети за неизвршување на службена должност.
Обвинителството побара осудителна пресуда, додека одбраната инсистираше на ослободување, тврдејќи дека вината не е докажана. Судот најави дека пресудата ќе биде објавена на 5 мај.
Јавниот обвинител Спасенка Андонова во завршниот збор истакна дека доказите презентирани во текот на постапката ја потврдуваат хронологијата на настаните и пропустите на обвинетите.
Според обвинението, Богатинов и Лазаров во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година не постапиле целосно по акциските планови при контроли на кабарето „Пулс“ во Кочани, при што не ги извршиле службените обврски и не покренале прекршочна постапка против правното лице „ММММ Кафе“ ДООЕЛ.
Обвинителството тврди дека тие прифатиле усни изјави од неовластено лице и не побарале соодветна документација, што резултирало со прибавување имотна корист.
Во однос на третообвинетиот Темелков, обвинителството наведува дека тој не ја проверил целокупната документација при одобрување на барањата за поведување постапка, иако бил должен тоа да го стори.
Одбраната, пак, ги отфрли сите обвинувања, оценувајќи дека доказите не потврдуваат кривично дело ниту постоење на имотна корист. Бранителите истакнаа дека обвинетите не можеле да прекршат обврска која не била во нивна надлежност.
Обвинетите во своите обраќања пред судот изјавија дека постапувале согласно закон и дека не се чувствуваат виновни.
Одбраната на Темелков оцени дека се работи за „паушални обвинувања“, без докази за директна намера.



































