Евгениј Поп Ацев од „ПК – Вардар 2018“, и оваа година како и лани е победник на матаронот на пет километри додека пак кај жените, исто како и лани, победник е единствената учесничка во женскиот маратон на пет километри Јана Костадиновска од „ПК – Младост“ од Скопје.
Втор во машкиот маратон на пет километри заврши Александар Илиевски „ПК – Нептун“, а трет Кристијан Стојановски од „ПК – Младост“ од Скопје. Годинава немаше пријавени на маратонските трки (мажи и жени) на 10 километри, информираат од организациониот одбор.
– На денешниот пливачки маратон имаше 44 учесници од кои 33 професионалци и 11 во трката за рекреативци. Освен од клубовите од земјава учествуваа и пливачи од Бугарија – појасни Роберт Папазов од организацискиот одбор.
Овој маратон беше четврти и последен од Македонскиот куп во далечинско пливање. Кругот на патеката во езерото беше во должина од 1.250 метри.
– Со оглед на лошите временски услови, добро поминавме. На почетокот на манифестацијата на рекреативната трка на 2,5 километри имаше силен ветер, но потоа се смири и натпреварите поминаа во ред и во најголема безбедност – појасни Папазов.
За безбедноста на пливачите се грижеа 20 тина спасители на вода од Општинскиот Црвен крст и 30 тина кајакари од велешките кајакарски клубови.
За најдобрите во сите категории наградите ги обезбеди Вулканизер „Дине“ кој секоја година е подржувач на маратонот.
Во рекреативниот маратонска трка на 2,5 километри со која започна денешните натпревари, кај жените единствена учесничка беше Теодора Соколова, а кај мажите од десетина учесници, прв заврши Дарко Поп Ацев, втор беше Дејан Гуџов а трет Дарко Соколов.
Во промотивната трка за деца до 12 години на 800 метри, Никола Ивановски и Матеa Јанкоска од „ПК – Делфин“ беа единствени учесници.
Во трката на 2,5 километри мажи, во категорија 2005-2007, прво место освои Андреј Караскакоски „ПК-Скопје“, втор заврши Михаил Велков „ПК – Нептун“ а трет пристигна Мартин Личев од „ПК Лески 2014“ од Софија Р.Бугарија.
Во категорија 2008-2010 година, единствен учесник беше Давид Трпчевски од „ПК – Делфин“.
Во женска конкуренција на 2,5 километри во категорија 2005-2007, прво место освои Ивана Неделковска од „ПК – Скопје“, втора беше Јоана Неделковска од „ПК – Скопје“ а трета Росана Ѓошева од „ПК – Скопје“.
Во категорија 2008-2010 на 2,5 километри прво место освои Сара Јанковиќ од „ПК- Скопје“, втора заврши Зорица Христова од „ПК – Левски 2014“ од Софија Р.Бугарија, а на трето место Софија Стефановска од „ПК – Нептун“.
Велешкиот пливачки маратон 2022 го организира Општина Велес и Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ под покровителство на Пливачката федерација на Македонија.
По долгогодишни најави, организаторот потврди дека догодина, 10 јубилеен „Велешки пливачки маратон 2023“ ќе биде дел од Европскиот куп во далечинско пливање.
Горан Стојановски од Националната пливачка федерација на Македонија информира дека овој Велешки маратон влегува во календарот на ФИНА.