Кога ќе финализира договорот од Преспа, кога ќе стапи во сила, според мене, нема да има противење, освен од многу мал дел од грчкото општество, смета поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас говорејќи за критската телевизија „Крити ТВ“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Никос Коѕијас, детално објасни зошто во договорот стои „Македонци/ државјани на Република Северна Македонија“, а не „СеверноМакедонци“.
-Тие, себеси веќе 120 години се нарекуваат Македонци. Зошто се викаат Македонци? Не велам дека добро прават, но кажувам зошто. Земаа еден дел од областа Македонија што им беше даден според Договорот од Букурешт во 1913, според кој, ние ја земавме грчката Македонија и тие се идентификуваа географски со овој регион и се нарекоа Македонци, објасни Коѕијас и додаде дека во секојдневна употреба и „со најдобриот договор на светот не можеш да наметнеш на некој како самиот ќе се нарекува во приватните разговори“.
Поранешниот министер за надворешни работи, објасни дека во сложените имиња на државите постојат други изведени зборови, а како пример ги спомена граѓаните на Обединетото кралство кои што се викаат Британци. Граѓаните на Соединетите американски држави кои не се викаат, „Соединето-државен–Американец, туку само Американец. Како и Кинезите од Народната Република Кина. Во однос на северна и јужна Кореа и северен и јужен Виетнам, рече дека се однесува на поделени земји што имаат север и југ.
Во однос на критиките во Грција дека македонскиот државен врв, го користи името Македонија, а не Северна Македонија, Коѕијас објасни дека договорот сѐ уште не е во сила, за да можеме да говориме за прекршувања.
-Овој договор не е ставен во функција, не е ратификуван од двете страни, оваа земја продолжува да се вика Македонија и мене ме обвинуваат дека наводно Заев го прекршува договорот и сл. Ова не е точно, договорот треба да се ратификува од двете страни, а потоа почнува да има прекршувања, објасни поранешниот шеф на грчката дипломатија.
На почетокот на 90-минутното интервју, Никос Коѕијас уште еднаш, на шега, го повтори неговиот став, односно парадокс, дека се бореле „да се смени името на поранешната југословенска Република Македонија“ и во меѓувреме тој станал поранешен.