Светскиот првак Шпанија загуби од Белгија, а европскиот шампион Словенија од БиХ, додека Грузија го приреди третото изненадување, откако во тензичен меч ја победи Турција

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ

Пораз на три фаворизирани селекции, две победи по продолженија, исклучен селекторот на Турција и нападнат еден кошаркар на Турција, го обележија третото коло во групите А и Б на 41. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, кое се игра во Тбилиси (Грузија), Келн (Германија) Милано (Италија) и Прага (Чешка).
За првото изненадување се погрижи Белгија, која во Тбилиси го победи актуелниот светски првак, овде ослабената Шпанија, со 83-73. Последниот кош Шпанците го постигнаа на 3:37 минути пред крајот на мечот, по што следуваше серија од 12-0 на Белгија за конечен триумф.
По светскиот првак, неочекуван пораз доживеа и актуелниот европски шампион Словенија од БиХ (селекција што едвај собра финансиски средства да отпатува на ЕП), со 93-97. Не помогна ниту Лука Дончиќ со неговите скромни 16 коша.
Репрезентацијата на домаќинот Грузија го приреди третото изненадување, откако по две продолженија и во многу тензичен меч ја победи Турција, со 88-83. Турците водеа со 10 поени разлика во втората четвртина, но во второто полувреме постојано беа во негатива. Турскиот репрезентативец Фуркан Коркмаз се пожали дека бил нападнат од тројца противнички кошаркари додека одел кон соблекувалната, откако беше исклучен заедно со Грузиецот Дуда Санадѕе, поради физичкиот дуел. При крајот на мечот, при една одлука на судиите, нервозно реагираше и турскиот селектор Ергин Атаман, кој се обиде да нападне еден од судиите, по што беше исклучен.
Литванците немаат среќа на ова ЕП. Во Келн, по поразите од Словенија и Франција, тие загубија и од домаќинот Германија во најдинамичниот меч со 107-109, но дури по две продолженија. Кај Германците доминираше Франц Вагнер, со 32 коша и осум скока, а кај Литванците Јона Валанчиунас, со 34 поени и 14 скока. Со овој трет триумф, Германија веќе се пласира во осминафиналето, додека Литванците ако сакаат да одат понатаму, треба да ги победат Унгарија и БиХ. Г.И.


ГРУПА А, 3. КОЛО

Шпанија – Белгија 73-83
Турција – Грузија 83-88
Бугарија – Црна Гора 81-91
ТАБЕЛА
Шпанија 5
Турција 5
Црна Гора 5
Белгија 5
Грузија 4
Бугарија 3

ГРУПА Б, 3. КОЛО
Литванија – Германија 107-109
Словенија – БиХ 93-97
Франција – Унгарија 78-74
ТАБЕЛА
Германија 6
Словенија 5
БиХ 5
Франција 5
Литванија 3
Унгарија 3