Фото: З.А.

Едно од ретките основни училишта во внатрешноста кое до пред десетина години бележеше континуиран пораст на ученици е ЦОУ „Мустафа Кемал-Ататурк“ во село Пласница, кичевско, сега има намалување на бројот на ученици. Поради иселувањето на младите последниве неколку години бројот на ученици е во континуиран пад, потврди директорот на училиштето Риза Реџепоски.

-До пред десетина години во нашето училиште бројот на ученици беше во континуиран пораст, но забрзаното иселување на младите со деца од училишна возраст, придонесе и во нашето училиште бројот на ученици од година во година да биде се помал. Така за оваа учебна година во нашето училиште се запишаа 42 првачиња а претходните неколку години нивниот број беше поголем од 50 односно 60 ученика. Во опаѓање е и вкупниот број на ученици и од 357 ученици од претходната учебна година, годинава ќе имаме само 340 а пред само десетина години бројот на ученици беше поголем од 450 – вели Реџепоски.

Инаку село Пласница според пописот од 2021 има близу 5000 жители.

З.А.