Тезата дека „без албански политички субјект не може да има влада“, која деновиве повторно се актуализира во јавноста, е надвор од секоја политичка, правна, па дури и математичка логика е неподелениот став на експертите, правниците и политиколозите. Со однапред зададени услови (или уцени) кој треба да биде во власта, без оглед на резултатите од изборите, флагрантно се компромитирани смислата и суштината на една држава и општество како Македонија, тврдат нашите соговорници
„Моќта“ на политиката да ја релативизира дури и математичката логика наједноставно е сублимирана во поговорката: „во политиката 2+2 не се секогаш 4“. Кога таквата релативизирана логика ќе стане водечки принцип во политиката на една држава и општество, реална е опасноста за легитимирање состојби непримерни и спротивни на вредностите на демократски воспоставен поредок на живеење и владеење.Во таква ситуација, первертирана до степен да биде прифатливо условите во демократското владеење да ги поставуваат оние што на избори не се легитимирале со мнозинска поддршка, речиси никој од политичките чинители не препознава невообичаена нелогичност во изјавата: „Без албански политички субјект, не може да има влада. Не 61, нека имаат 80 ако сакаат, било да е СДСМ, било ВМРО. Токму според оваа крајно апсурдна и погрешна политичка идеологија се раководи движењето Беса, кое преку тоа ги гледа и факторизирањето и политичкото позиционирање на Албанците во Македонија“. Политичката практика во која функционира супремацијата на политичките чинители што добиваат значење и моќ за влијание, кое се заснова на уцени дури и на значително поголемите и помоќни фактори, секако ги дерогира принципите на демократскиот плурализам, односно правото за одлучување на граѓаните, преку избори. Со однапред зададени услови кој треба да биде во власта, без оглед на резултатите од изборите, флагрантно се компромитирани смислата и суштината на една држава и општество, како Македонија, кои се декларираат како демократски и плуралистички.
– Одговорот за сите „феномени“, повеќе девијации на принципите на демократијата во Македонија треба да се бара во рамковниот договор и принципот на Бадентерово мнозинство при носење на сите важни одлуки, како на републичко, така и на локално ниво. На републичко ниво, во Собранието, за носење на секоја поважна одлука, потребно е двотретинско мнозинство и половина од гласовите на присутните (при гласањето) од малцинските заедници. Истиот принцип би требало да се спроведува и на локално ниво. На државно ниво, при носење одлуки во републичкото собрание, Бадентеровиот принцип неизоставно се спроведува, што не е случај на локално ниво, во општините каде што граѓаните од македонска националност се малцинство. Фактот дека рамковниот договор е преточен во Уставот, во македонското општество создаде некаков политички дух дека во сите сфери на владеењето, па и при формирањето на извршната власт, треба да се применува Бадентеровиот принцип, најчесто според волјата и желбите на малцинствата. Иако формално, правото за формирање влада го добива оној политички субјект со најмногу освоени граѓански гласови на избори, неформално – духот на рамковниот договор и Бадентеровиот принцип најчесто се одлучувачкиот фактор, колку и да ги искривоколчува базичните демократски принципи – вели универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Земајќи ги предвид реалните политички состојби во Македонија, формалните и неформалните коалициски и партиски договори, желбите, логиките и математиките на партиите да бидат дел од власта, професорот на Правниот факултете при УКИМ, Борче Давитковски, укажува дека сепак базично е правото на оној што има освоено мнозинство гласови на парламентарни избори да составува влада и да прави (или да не прави) коалиции.
– Сите договори правени низ годиниве меѓу политичките лидери за коалицирање во власта по избори (победник со победник меѓу партиите од етничките блокови), сепак, имаат вредност на непишани правила, на некакво обичајно право. И понатаму, базичното право да составува влада и да прави или да не прави коалиции има оној политички чинител што освоил најмногу гласови на парламентарни избори. Навистина, меѓународниот фактор, поради мултиетничкиот карактер на македонското општество, препорачувал во Владата да бидат застапени и претставници на етничките заедници, но наметнувањето на неприкосновеност на нешто што е непишано правило за коалицирање е израз на непромисленост од силна желба за власт. Конечно, какви и да се сознанијата и самоувереноста за некакви резултати дури и пред денот на избори, исходот од гласањето сепак не може целосно да се предвиди. Последен пример е дека никој во Алијанса за Албанците не предвидуваше дебакл на локалните избори за Советот во Општина Тетово – вели професорот Борче Давитковски.
Кога станува збор за принципите на составување влада, Давитковски смета дека Законот за влада, односно оние принципи за пржинска влада треба да се сменат најбрзо што може.
– Законот за влада, во кој се вградени принципи од пржинските договори, кои требаше да имаат привремен карактер, а наменети за надминување на политичката криза од пред шест-седум години треба да бидат сменети најбрзо што е можно. Претпоставувам дека поради некои коалициски договори за премиер Албанец во последните 100 дена (според концептот на пржинска влада), тоа нема да се случи во мандатот на оваа влада. По спроведени два изборни циклуса со таков принцип за формирање и функционирање на Владата, концептот е веќе надминат. Неговото понатамошно опстојување значи дека сме и понатаму во континуирана политичка криза – заклучува професорот Давитковски.