Фото: Влада

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека Северноатлантската алијанса е долгорочен и близок партнер со Србија, а кога станува збор за Косово, порача дека сите страни мора да останат смирени и да избегнуваат еднострани дејствија, јави дописникот на МИА од Белград.

– НАТО и Србија се блиски и долгогодишни партнери. Нашето партнерство се заснова на политички дијалог и практична соработка, со целосно почитување на државната политика на воена неутралност на Србија. Нашиот политички дијалог се манифестира на различни начини. Ова ги вклучува моите контакти со претседателот Александар Вучиќ и другите политички лидери и редовните интеракции со моите српски колеги, меѓу кои се и мојот заменик помошник за политички прашања и безбедносна политика и шефот на Канцеларијата за воени врски на НАТО во Белград – објасни Столтенберг во интервјуто за подгорички „Вјести“, додавајќи дека ова ги вклучува добро воспоставените односи меѓу командантот на КФОР и началникот на Генералштабот на Србија.

Кога станува збор за Косово, Столтенберг рече дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е клучен за зачувување на мирот и безбедноста.

– Неодамна разговарав со политичките лидери во Приштина и Белград за тензиите на северот на Косово. Сите страни мора да останат смирени, да избегнуваат еднострани дејствија и конструктивно да се вклучат во дијалог со посредство на Европската Унија. Во согласност со својот мандат во ОН, мисијата КФОР внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да интервенира доколку е загрозена стабилноста. Нашата мисија е посветена на обезбедување безбедна средина и слобода на движењето за сите луѓе во Косово. НАТО продолжува целосно да го поддржува дијалогот со посредство на ЕУ и ги повикуваме сите страни да продолжат со преговорите. Тоа е клучно за регионалниот мир и безбедност – оцени Столтенберг за „Вијести“.