Сега, кога живееме во време на најтешка економска, финансиска, па дури и психолошка криза, дури и добропознатата изрека „трипати мери – еднаш сечи“ треба да гласи „десет пати мери, еднаш сечи“, а не обратно, како што најчесто прават надлежните институции и органи, кои често носат брзопотезни и непромислени одлуки, од чии последици потоа страдаат сите граѓани и државата.
Помина времето на коцкање со идентитетските обележја на државата, но и со народните пари, кои се на сите граѓани
Старите и мудрите, кои во минатото, кога не постоеше вештачка интелигенција, а немаше ни паметни телефони или паметни компјутери, сите свои потези и чекори добро ги одмеруваа и се држеа до непишаното правило: трипати мери, еднаш сечи! Иако и тогаш имаше случаи кога се градеа потемкинови села и се правеа „весели математики“, сепак ретки беа случаите кога се преземаа избрзани потези и се нудеа неиздржани проекти. Главно се настојуваше проектите, особено од јавен интерес, да бидат издржани и покриени со финансиска конструкција. Денес состојбата е сосема поинаква. Се влечат брзи и непромислени потези, без претходно да се проанализираат можните последици. И тоа како да стана модел на однесување во која било сфера од општественото живеење.
Во настојувањето да им се додворат на гласачите или на народот, а пред сѐ на своите партиски членови и симпатизери, во добар дел се нудат необмислени и неиздржани проекти, кои најчесто се прават во „инкубаторите“ на партиските штабови и пиар-агенциите. Сегашните кројачи на нашите судбини прво сечат, без притоа воопшто да мерат, и излегуваат во јавноста со своите набрзина скроени проекти, кои не можат да го издржат тестот не на времето туку ни на едно деноноќие. Некои не траат ни до првата прес-конференција и, по првите реакции на јавноста или стручните аналитичари, се враќаат во фиока. Сега, во време на тешка економска криза, една од најтешките по Втората светска војна, кога најголемиот број граѓани поради секојдневното скокање на цените на храната и другите трошоци размислуваат како да се нахранат и преживеат, повторно се нудат старо-новите даночни „реформи“, кои во неколку наврати по негативните реакции во јавноста беа одложувани и повлекувани.
Без воопшто да се консултираат со стручната јавност и луѓето од бизнисот, кои најчесто ги преземаат последиците од таквите „реформи“, деновиве беа најавени нови даночни реформи, кои треба да стапат во сила од 1 јануари 2023 година.
Основата на концептот за даночната реформа е проширување на даночната основа преку повеќе измени во даноците на добивка, личниот доход и додадената вредност, зелено оданочување, плаќање придонеси за договорите на дело, воведување данок на каматите на штедните влогови. Повеќе од јасно е дека на државата очајно ѝ требаат пари. Но пари им требаат и на стопанството и на граѓаните. Не може со претурање од шупливо во празно да се креира економски раст или да се создава привид дека се прави некоја реформа кон подобро. Во таа насока, пред воведување какви било нови мерки или нови оптоварување за стопанството и за граѓаните, мора претходно тие мерки добро да се проанализираат. За тоа е неопходна поширока стручна дебата. Или, како изреката од почетокот на текстот, прво неколкупати да се измери и премери, па дури потоа да се пресече и да се донесе одлука.
Инаку, за тие што се упатени во економијата и финансиите, да потсетиме дека овој концепт се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021 – 2025).
Даночната реформа ги опфаќа данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите и еколошката даночна политика, а предвидените законски измени во најголем дел се планира да се применат од 1 јануари 2023 година. Предвидени се решенија што ќе придонесат за проширување на даночната база преку целење на повластените даночни третмани, т.е. даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Но ваквиот таканаречен смарт-концепт за даночните реформи веднаш наиде на остри реакции во јавноста. Иако овој концепт е наречен смарт, не значи дека е многу паметен.
Не само според економските аналитичари и луѓето од бизнисот туку и според обичните лаици, даночните реформи што се нудат сега се нудат во време кога ни надлежните, а ни народот не знаат што ќе им донесе утрешниот ден. Живееме во време невреме, кое поради сите кризи што нѐ зафатија во изминатите три години, како со пандемијата на ковид-19, војната со Украина, па енергетската криза, нѐ доведе до ситуација на голо преживување.
Како последица на кризите многу фирми пропаднаа и ставија клуч на вратите. Доколку во најскоро време не се преземат некои итни мерки за помош на бизнис-секторот, кој главно ја полни буџетската каса, затворање на своите компании најавија и други правни субјекти.
Обичните граѓани отсекогаш се залагале за правилно и праведно оданочување, за водење паметни јавни финансии и особено за паметно трошење на народните пари. И на обичните лаици им е јасно дека најголемиот дел од парите на граѓаните главно се троши за необмислени и набрзина планирани проекти, без издржана финансиска конструкција, кои во текот на реализацијата повеќепати ја менуваат цената. Иако на јавноста постојано ѝ се нудат реформи во јавната и државната администрација, во локалните самоуправи, јавните претпријатија…, сепак во практиката сите тие реформи не се почитуваат, најчесто ни од тие што ги нудат или што треба да ги спроведуваат.
Ни најдобрите и најпедантни политичари не можат да ги набројат сите понудени, почнати и нереализирани капитални проекти, почнати по принципот „еднаш мери, еднаш сечи“, за кои се потрошени или, најблаго речено, фрлени огромни пари, изразени во стотици милиони или милијарди евра.
Да се потсетиме само на патот Скопје – Битола, преку Бабуна, железничката пруга за Бугарија, автопатот Кичево – Охрид.
Деновиве и во Битола се актуелни изградбите на двете детски градинки и затворениот базен, кои само пред неколку месеци беа најавени и почнати како најголеми капитални инвестиции, а сега се оставени да пропаѓаат, без притоа некој да одговара. Властите отсекогаш нуделе „реформи“, и тоа не само во даночните систем туку и во многу области, но најголемиот број од нив не го издржале тестот на времето. За жал, никогаш не биле понудени реформи за (не)одговорноста на тие што ги почнале и не ги спровеле истите тие.
На Македонија не ѝ требаат какви било смарт-реформи за да се ослободи од превработеноста, неефикасната и во најчест случај непрофесионална администрација, гломазниот и неефикасен државен апарат, партизираното судство, даночната евазија. На Македонија ѝ требаат реформи за непочитувањето и неспроведување на законите и прописите…
И на крајот, реформите во која било сфера, не само во даночниот систем, треба да бидат добро обмислени и со широки консултации со тие на кои ќе се однесуваат. Мораме да се вратиме во тоа не толку далечно минато кога луѓето работеа по принципот „трипати мери, еднаш сечи“!
Сега, кога живееме во време на најтешка економска, финансиска, па дури и психолошка криза, тоа правило дури треба да гласи „десет пати мери, еднаш сечи“, како што тоа најчесто и во последно време го прават најголемиот број обични граѓани, настојувајќи да преживеат.
Помина времето на коцкање со народни пари и на подигање брзи кредити, без рок на враќање. Македонија повеќе не може да си дозволи таков луксуз, зашто и таа во блиска иднина ќе има сѐ помалку „жиранти“ што ќе го одобруваат нејзиното прекумерно задолжување за подигање нови кредити за враќање стари долгови.