Македонија е меѓу петте балкански држави што британски „Гардијан“ ги препорачува како дестинации за летен одмор што заслужуваат да бидат „откриени“. Во написот опишани се и убавините на Црна Гора, Косово, БиХ и на Словенија. Згора, нагласено е дека овие држави имаат спектакуларни предели, места за пливање и древни градови, а сето тоа се нуди по пристапни цени.
– Македонија е планинска, но зелена балканска држава. Иако е опкружена со копно, таа е благословена со езера: најпознато е Охридското Езеро, едно од најстарите во Европа и најдлабоко, но тука се и Преспанското и Дојранското Езеро и уште 50 помали езера. Охридското Езеро што е на листата на УНЕСКО е главната атракција, опкружено со древни манастири, барови на плажата и рибни ресторани. Меѓу тамошните активности вклучени се часови по готвење покрај езерото, велосипедизам, тури со бродови и параглајдинг. Градот со истото име е полн со цркви и споменици, а покрај езерото се протегаат сликовите рибарски села – пишува авторката Рејчел Диксон.
За Главниот град Скопје, таа посочува оти има византиска тврдина и отомански центар, но и модерни додатоци, како што е Музејот на современа уметност. А меѓу местата што треба да се посетат во Македонија, „Гардијан“ ги издвојува и националниот парк Маврово со манастирот „Свети Јован Бигорски“, како и националниот парк Галичица и планината Пелистер.