Високи владини претставници во Тајван ги повикуваат граѓаните да останат смирени пред плановите на Кина да одржи воздушни и поморски воени вежби во водите што го опкружуваат островот.
Од денска до недела, Кина ќе одржи вежби на шест точки околу Тајван, приближувајќи се на 9 наутички милји од нејзините две главни поморски пристаништа во Келунг и Каосиунг. Вежбите се очигледна одмазда за посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, третата највисока функционерка во Вашингтон, јави ДПА.
Откако потврди дека САД „стојат со Тајван“, Пелоси замина вчера вечерта по речиси 20-часовна посета на Тајпеј. Посетата на Пелоси ги зголеми стравувањата од воена криза во Тајвански теснец што го дели копното на Кина од островот.
Официјални лица во Министерството за национална одбрана на Тајван ги осудија кинеските воени вежби како „еквивалентни на блокада“ и „кршење на меѓународното право“.