„Трага“ е нешто што ќе остави знак, присуство во времето и просторот, нешто што покрај минливоста на сѐ и сешто, ќе сведочи за нас, за нашите креативни можности. Уметноста е во суштина оставање трага, вели Климе Ковачевски, своевремено член на бендот „Анастасија“, сега основач на „Трага“
Климе Ковачески, музичар
Климе Ковачески своевремено беше член на бендот „Анастасија“, со кој го создаде антологискиот сингл „Премин“ од албумот „Пред дождот“, направен за филмот на Милчо Манчевски. Со повторно обединување на бендот, „Премин“ е реиздаден по иницијатива на гитаристот на „Анастасија“, Ковачески. Денес тој креативната вибрација во себе ја вложува повторно во создавање македонска музика преку бендот „Трага“, и тоа на илјадници километри од Македонија. Климе долги години живее во Мајами, но љубовта кон македонската музика, творештво, не познава граници, туку со секој поминат ден е сѐ посилна.
Можете ли да се потсетите на почетоците со бендот „Анастасија“?
– По неколкугодишно планирање и набавка на комплетна опрема за музицирање и снимање, се вратив во Македонија, летото 1989 година, на три месеци. Долгиот процес на снимање и градење на песните почна во почетокот на летото и требаше да заврши до почетокот на есента. Тогаш се вратив во Мајами, Флорида, каде што живеам и ден-денес. Во тој период имавме студио со четири канали и беше вистински предизвик како да ги снимаме сите тие звучни идеи и желби. Прекуден снимавме, а навечер ги носевме демо снимките кај отец Стефан Санџаковски, да слушне како се развиваат песните. Приемот на песните од најблиските луѓе во периодот беше неверојатен и бевме сигурни дека овие песни ќе го најдат своето место во македонската современа музика. Денес истиот принцип го користиме со бендот „Трага“. Со околу триесет одбрани луѓе редовно се консултираме и имаат увид во процесот на создавање и градење на секоја песна, обвивка, слика или анимација, кои произлегуваат од нашата музика.
„Анастасија“ повторно пулсира, дали страста кон музиката повторно ги спојува членовите?
– Технички гледано, ова не е реиздавање на сингловите на „Анастасија“, затоа што овие верзии никогаш не беа официјално објавени. Само мал број копии од касетата им беа дадени по најблиските пријатели. Сега имаме ситуација каде што голем број луѓе што првпат ги слушнаа овие верзии, се изјаснија дека се автентични и поинакви и дека им се најдраги, како прапочетоци и суштествени за развојот на музиката на „Анастасија“. Непрекинато ми стигнуваат пораки од луѓе што ме прашуваат кога официјално ќе ги издадеме на носач на звук. Јас сум единствениот што ги има матриците на песните, што значи можеме да работиме на песните со сета достапна модерна технологија денес. Песните се: „Премин“, „Ќанија Аџамија“, „Далеку“, „На реках Вавилонских“ и „Самоиловите слепци“. Тоа се песни што се изделкани во каменот на македонската музичка историја. Песните имаат и нов визуелен идентитет, креиран од ликовниот уметник Никола Пијанманов. Новиот ковер објавен виртуелно, веќе стана еден вид модерна икона.
Дали песните ќе бидат издадени автентични со демо-шмек или ќе бидат мастерирани во денешен технички стандард?
– Откако објавив неколку демо-снимки на фан-страницата на „Анастасија“ и неколку музички скици од истиот период, коментарите беа во стилот: Седни и заврши ги овие песни како што треба и личи! Очигледно мигот за да ги завршам овие песни беше дојден и јас целиот се посветив на нивно воскреснување. Така се роди „Трага“. Станува збор за поголем проект, составен од наши музичари и ликовни уметници, но и од интернационални соработници, кои создаваат исклучиво од љубов кон уметноста. „Трага“, тоа е нешто што ќе остави знак, присуство во времето и просторот, нешто што покрај минливоста на сѐ и сешто, ќе сведочи за нас, за нашите креативни можности. Уметноста е во суштина оставање трага. Самото лого на бендот се состои од кирилични букви, кои истовремено исчезнуваат, но и се појавуваат, борба меѓу траењето и ништото.
Каква музика создава „Трага“?
– Многу луѓе пробаа да ја сместат музиката на „Трага“ во некоја категорија, но не успеаја. Најблиско и наједноставно, ако веќе мора да се категоризира оваа музика, е епик-рок-етник. Најважно е дека оваа музика се напојува од изворот на самите уметници што ја создаваат. Важно е да се напомене дека паралелно со музиката се креираат и визуелни презентации што произлегуваат директно од текстовите на песните и од самата музика. За ликовниот дел се задолжени Никола Пијанманов и креаторот на анимациите Бранко Ристовски. За текстуалниот е Наташа Гарет, која помага во едитирањето и уредувањето на поезијата и текстовите за песните на „Трага“. Музиката на „Трага“ ќе си го најде своето место во Македонија и надвор од неа. Самиот концепт на издавање на песните е комплетно нов, иновативен. Секоја од осумте песни има по три верзии – македонска со машки вокал, инструментална и интернационална верзија со женски вокал.
Периодов сте посветени на песните „Трага“, „ОхРид“, „Празнини“, „Копнеж“, „Сенка“, „Изгрев“, „Извори“ и „Искри“. Кажете ни нешто повеќе.
– Во некаква форма овие песни егзистираат уште од 1980-тите години. Сега конечно се завршени. Процесот за создавање на уметноста не зависи од времето, затоа и таа е безвременска. Најзначајно за мене е што успеав да го пресмостам времето од „Падот на Византија“, преку „Анастасија“, и ете, сега, со „Трага“. Се комплетира една долга приказна. Откако ќе ги завршиме сите верзии на песните, ќе почнеме со процесот на издавање на трите албуми и нивно презентирање пред светот. За крај, еден музичар може да направи песна поради милиони причини. Но една, ако не и најбитна, е таа да биде посветена на својот народ.