Фото:Маја Јаневска Илиева

Собраниската Комисија за финансирање и буџет донесе одлука за одржување надзорна расправа за случајот со Алта банка АД Битола, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Темата на расправата ќе биде „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.

Првичниот предлог на СДСМ содржеше и формулација „за измамата на граѓаните“, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа таа да биде избришана, со образложение дека не може однапред да се заклучи дека станува збор за измама.

Пратеничката Дафина Стојаноска рече дека Собранието не може да презема улога на суд и однапред да утврдува постоење измама.

– Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните. Така што, доколку се согласувате овие крајни три збора да се отстранат од предлогот на темата на вашата иницијатива, тогаш секако дека ќе ја поддржиме – изјави Стојаноска.

И пратеникот Бојан Стојаноски оцени дека случајот со Алта банка се разликува од случајот со „Евростандард банка“, бидејќи, како што посочи, во овој случај нема судски процеси ниту обвинение. Тој предложи темата да остане без спорната формулација.

Од СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски рече дека е прифатлив договор за насловот и потсети дека првичната формулација била преземена од иницијативата за надзорна расправа за „Евростандард банка“.

Спасовски предложи членовите на Комисијата веднаш да одржат координација и да ги утврдат распоредот, роковите, времетраењето и сведоците што ќе учествуваат во расправата.

Комисијата усвои и заклучок за одржување заедничка координација со членовите и заменик-членовите во најкус можен рок, со цел да се договорат деталите за надзорната расправа.

На седницата членовите ја поддржаа и ја проследија на натамошна собраниска постапка измената на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, како и измените на Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Поддршка, пак, не доби Предлог-законот за семејна и станбена поддршка, поднесен од Левица, во прво читање.