Битолска коњица „Галоп“ своето седумдневно патување до Крушево го започнa
денес, пред Офицерскиот дом во Битола, а потоа продолжи по Широк сокак, до Саат
Кулата, по Булевар 1-ви Мај, се до Црквата „Архангел Гаврил“ во Довлеџик, каде што нејзините членови беа пречекани од градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски.
Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, одржа свечена литургија давајќи им благослов, а градоначалникот Коњановски, кој е поддржувач на оваа иницијатива, на учесниците во коњицата им посака голем успех и лесен пат до Крушево.
После денешната служба коњицата продолжува за село Цапари каде што ќе биде пречекана од месното население и ќе биде положено цвеќе на споменикот на загинатите Илинденци.
Битолската коњица во Крушево треба да пристигне на 31 јули. На 1 август ќе учествуваат на дефиле во Крушево, а на 2 август на Мечкин Камен ќе учествуваат во
одбележувањето на државниот празник Илинден.
Во коњицата учествуваат 12 момчиња и две девојки кои со своите коњи ќе одјаваат пат долг 174 километри. Иницијативата е на Здружението за развој на рурален туризам и организирање, кое заедно со битолска коњица „Галоп“ Битола има за цел да ја негува традицијата и да покаже благодарност кон сите кои учествувале во формирањето на битолската револуционерна околија, битолскиот револуционерен округ, како и на сите што учествуваа во организација на Илинденското востание, сите оние кои дале свои животи за слободата на македонскиот народ. М.М.