Македонија и Косово повторно и привремено во летниот период, отвораат граничен премин
Во согласност со одлуките на Владите на Македонија и на Косово повторно е отворен, привремено во летниот период, граничниот премин Стрезимир – Рестелица на македонско-косовската граница. Ова за Радио Слободна Европа го изјави владиниот повереник на Општина Маврово – Ростуше, Медат Куртовски, кој додаде дека преминот ќе биде отворен до 15 септември.
– Отворањето на овој премин за два месеца во летниот период е од големо значење за жителите на општините Маврово – Ростуше и Драгаш во Косово – изјави Куртовски.
Куртовски во изјавата за РСЕ подвлекува дека локалната власт во Општина Маврово – Ростуше има упатено и барање до централните институции во Македонија за редовна работа на овој граничен премин бидејќи тој ќе влијае позитивно во развојот на локалниот бизнис во двете општини, а со тоа и во двете соседни држави. Инаку, овој граничен премин за првпат е отворен привремено пред четири години и овозможува голема фреквенција на населението од двете општини.
Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора по неколку години побараа преминот да има постојан граничен режим, што значи да биде отворен 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивен опстанок таму.
Преку овој премин, кој се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓата меѓу Македонија – Албанија и Косово, можат да минуваат само жителите од пограничниот појас од 25 километри, и тоа со посебни дозволи. Во областа Гора во Косово, распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед.