Собранието се претвори во пазар каде што се ветуваат парични награди за послушните, кажа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, на вечерашната прес-конференција во партиското седиште.
– Структури на власта, и структури кои одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија. Собранието се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени. Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе. Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени два милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина – вели Јанушев.
Тој додава дека дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, пак, предмалку преку социјалната мрежа Твитер порача дека премиерот Зоран Заев категорично ги демантира лажните информации во дел од медиумите според кои „Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни средства.“