ПОРАДИ ЕКОНОМСКАТА И ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА СО ПРОДОЛЖЕН ЕФЕКТ

Енергетската криза, но и инфлацијата ги најде компаниите уморни од кризата со ковид-19, што дополнително ја направи оваа криза тешка за бизнисот и станува јасно дека економијата ќе сноси тешки последици, особено од аспект на ликвидноста на компаниите и зачувувањето на работните места како глобален предизвик, особено во последните две години

Економската ситуација во која се наоѓа нашата земја е крајно незавидна поради последователните кризи што го погодија светот, а влијаат на нашата земја. Компаниите се соочуваат со серија проблеми и прашање е дали и како ќе го преживеат мултикризниот период за да создадат услови за натамошно функционирање.

Податоците од бизнис-платформата „Бизнис-мрежа“ говорат дека ланската година била погубна за приближно 7.000 компании или поточно 6.993 фирми ставиле клуч на врата. Во однос на 2020 година, бројките покажуваат зголемување на бројот на згаснати фирми за дури 782 (во 2020 година не преживеале 6.211 компании. Според „Бизнис-мрежата“, најмногу фирми, и во 2020 и во 2021 година, се затвориле во февруари, бидејќи тогаш Централниот регистар ги брише компаниите што не се активни, во согласност со членот 552 од Законот за трговски друштва. Најмногу фирми има згаснато во секторите трговија на големо и на мало – 1.836, преработувачка дејност – 732, објекти за сместување и сервисни дејности – 707, други услужни дејности – 503 и градежништво – 450. Во првото полугодие од 2021 годината се евидентирани затворања на дури 5.022 фирми, податоците и за второто полугодие покажуваат продолжување на трендот на зголемено затворање на фирмите. Додека во 2020 година во првото полугодие се затворени помалку фирми – 4.707. Најголем дел од затворените фирми се во Скопје, повеќе од една третина, па потоа Битола, Тетово, Куманово и Гостивар се градовите во кои имало најмногу згаснати фирми.

Според Централниот регистар, кај сите категоризирани друштва по големина, во 2021 година е евидентиран тренд на намалување на субјектите што работат со загуба. Најголемо намалување е забележано кај малите друштва од 29,1 отсто или тоа се 1.227 субјекти помалку што работеле со загуба во 2021 во однос на 2020 година.
– Економијата во целост е во незавидна ситуација, имајќи ги предвид последователните кризи што ја погодија нашата земја, но исто така и поради фактот што веќе почнаа да се применуваат макроекономски политики, кои во суштина се како мерки за ублажување на кризата, но од друга страна ги дестимулираат инвестициите, како што е со случајот со зголемувањето на каматните стапки – велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Освен тоа, додаваат оттаму, енергетската криза, но и инфлацијата ги најде компаниите уморни од кризата со ковид-19, што дополнително ја направи оваа криза тешка за бизнисот.
– Имајќи ги предвид горенаведените причини, станува јасно дека економијата ќе сноси тешки последици, особено во аспект на ликвидноста на компаниите и зачувувањето на работните места како глобален предизвик, особено во последните две години. Сметаме дека Владата треба да го има фокусот на тој правец, со што ќе се спречат дополнително зголемување на невработеноста, сивата економија, но и иселувањето на младата работна сила, која во овие неуслови тешко се приспособува. Повторно сме во тешка ситуација каде што институциите ќе треба да соработуваат со бизнис-секторот, односно со стопанските комори, со цел да се максимизира ефектот на мерките што Владата потенцијално може да ги донесе како борба против кризата – нагласуваат надлежните од СКСЗМ.

И според Сојуз на стопански комори на Македонија, компаниите од сите сектори се соочуваат со нарушена ликвидност и отежнат пристап до свежи финансиски средства, што значајно влијае на одржување на финансиската стабилност.
– Со зголемување на основната каматна стапка се отежнува и обезбедувањето финансиски средства преку кредити. Меѓународните финансиски институции прават надолни ревизии на оцените за економскиот раст што покажува дека не може да се очекува брзо стабилизирање на состојбата. Ризиците поврзани со пандемијата и натаму постојат, бидејќи сѐ уште постои можност за нејзино пролонгирање поради појава на нови вирусни соеви и зголемување на бројот на вработени. Позитивни прогнози нема ниту околу развојот на настаните со воениот конфликт меѓу Русија и Украина, што прави сериозни дисторзии на енергетскиот пазар и на снабдувањето со храна – потенцираат од Сојузот на стопански комори.

Како што велат тие, од сето ова може да се заклучи дека економското закрепнување ќе оди бавно, поради што и тоа нема да може да се решава единствено со интервентни мерки на финансиска поддршка.
– Потребни се стратегиски мерки што ќе ги придвижат повеќе економските сектори и ќе создадат додадена вредност, како што е реализацијата на капиталните инвестиции. Очекуваме државните институции посериозно и поангажирано да работат на ова прашање – истакнуваат од ССКМ.