Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го укина надоместокот за мрежарина при предавање на вишокот произведена електрична енергија од обновливи извори, како што се фотонапонски електроцентрали, кои домаќинствата и малите потрошувачи ги имаат инсталирано, а се стекнале со статус на потрошувач производител.
– Со одлуките што ги носиме сакаме да ги стимулираме потрошувачите да инсталираат фотоволтаични електроцентрали. На овој начин сметаме дека ќе се поттикне голем број домаќинства да ги искористат поволните услови и во време на енергетска криза да си обезбедат електрична енергија од сопствени извори, во случајов од фотонапонски електроцентрали. Токму затоа РКЕ презеде иницијатива за олеснување на инвестициите и пристапивме кон измена на тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија. Со оваа одлука практично домаќинствата што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до шест киловати и другите потрошувачи што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 40 киловати нема да плаќаат повеќе надоместок за користење на дистрибутивниот систем за вишокот електрична енергија што ја предаваат во мрежата – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. К.П.М.