По деветти пат под мотото „Ултиматум, не благодарам“ граѓаните денеска пред Собранието го изразија револтот против францускиот предлог.
Протестот започна пред Владата, продолжи кон Министерството за надворешни работи каде учесниците побараа оставка од министерот Бујар Османи.
На улицата пред зградата на МНР тие испишаа графити „Македонија не е на продажба“, а потоа се упатија кон Собранието.
Меѓу граѓаните беа и членови на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои јавно ги поддржуваат протестите.
Адвокатката Ружица Николовска вечерва на протестот пред Собранието рече дека воопшто не е наивно барањето за внесување на Бугарите во Уставот.
Вели дека Македонија сака да биде на патот кон Европската Унија(ЕУ), но не по секоја цена, не со понижувања.
Зоран Дабиќ, претседател на македонскиот дипломатски синдикат и и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО побара оставка и одговорност од министерот Бујар Османи за неговите предавства.
– Денес министерството за надворешни работи е киднапирано од страна на Бујар Османи, со жестоки репресивни мерки раководството се обидува да ги држи дипломатите во покорност и зависност. Но, тоа нема да помине – рече Дабиќ.
Тој додаде дека дипломатскиот синдикат јакнел од ден на ден. И членовите на синдикатот и денеска, како што кажа, биле на протестот.
– Бујар ве лажеше дека високите дипломати го виделе францускиот предлог и го анализирале. Тоа не е точно – нагласи Дабиќ.
Протестот продолжува и утре во 19 часот пред Влада.