Сите што не се согласуваат со францускиот предлог имаат право да изразат револт и протестите не треба да се поврзуваат со деструктивни акти, додека политичарите го плашат народот со закани и црни сценарија што води кон создавање на хипотетички немири, вели универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски, за „Нова Македонија“, коментирајќи ги протестите што се одвиваа во изминатите три дена, откако беше објавен францускиот предлог за кревање на бугарското вето.
– Кога некој врши притисок за прифаќање на некаков договор, сите кои не се согласуваат имаат уставно право да го изразат својот револт, особено оние што знаат да го „прочитаат напишаното со ситни букви“ и претпоставуваат што се крие зад договорот. Револтот во таква ситуација е нормален и очекуван и не индицира понатамошни дополнителни проблеми. Повеќе би ме загрижувало доколку се организираат акции од илегала и револтот не е јавен. Ваквите протести не треба да се поврзуваат со деструктивни акти и јасно е дека во 21-от век нема да се навраќаме на меѓуетничките тензии – објаснува Димовски.
Професорот има замерки за реториката на политичарите кои се навраќаат на меѓуетничките тензии, а се осврна и на тврдењата дека против Македонија се води хибридна војна, што во изминатиот период можеа да се слушнат во повеќе наврати во јавноста.
– Ми пречи кога политичари од говорница јавно зборуваат за закани и за црни сценарија со кои го плашат народот, спомнувајќи ги и меѓуетничките тензии, иако ние со години работиме на зближување, имаме поставен систем и меѓународни договори што функционираат. Таквите дејствија водат кон создавање на хипотетички немири во ситуација кога не постојат. И самото спомнување дека некој води хибридна војна е несоодветно, дури и тешко се докажува. Кога се обвинува Русија дека води хибридна војна, кого би обвиниле за Шарената револуција која беше организирана на сличен начин – посочува Димовски.
За денеска е најавено продолжување на протестите против францускиот предлог пред Владата. Истовремено, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пристигна во посета на Скопје, за да ја истакне европската поддршка за францускиот предлог.