ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Јакобсен првпат победи по тешката повреда пред две години

По извозените три етапи во Данска, од денеска велосипедскиот карван на 109-то издание на најпознатата светска трка, Тур де Франс, се сели во Франција, каде што денеска е првата пауза, по што ќе следува четвртата етапа на домашен терен, во северна Франција, од Данкерк до Кале, долга 171,5 км. Белгиецот Ив Лампер и Холанѓанецот Фабио Јакобсен, двајцата членови на тимот Квик степ-Алфа винил, победија на првата и на втората етапа, први етапни победи за нив во кариерата.
За Јакобсен ова е прв настап на Тур по подолгата пауза поради тешката, речиси фатална повреда на Трката околу Полска пред речиси две години. Јакобсен, кој тогаш ги загуби сите заби и имаше петчасовна операција откако удри во метален столб, доби шанса во тимот пред Британецот Марк Кевендиш, специјалистот за спринт, кој ќе остане на 34-те етапни победи на Тур, колку и петкратниот победник Еди Меркс.
– Кевендиш е легенда, посакувам двајцата да бевме тука. Тој ми помогна да потпишам договор и сигурен сум дека уживаше во мојата победа. Долг беше патот дотука по повредата. Оние што ме познаваат ги разбираат жртвите што морав да ги направам. Затоа сум многу среќен, несреќата ме направи поскромен, засекогаш ќе го паметам овој ден – рече Јакобсен.
И победникот на Тур де Франс во минатите две години, Словенецот Тадеј Погачар, уште во почетокот, со третото место во првата етапа на хронометар, покажа дека е во врвна форма и оти не случајно го сметаат за прв фаворит за нов триумф. Л.Д.


ПЛИВАЊЕ
Лохти ги продава сребрените и бронзените олимписки медали

Сите сребрени и бронзени олимписки медали, вкупно шест, на американскиот пливач Рајан Лохти ќе се продаваат на аукција, до 21 јули. Станува збор за сребрениот медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Атина во 2004 година, за двата бронзени медала од Пекинг во 2008-та, како и за двете сребра и една бронза од Лондон во 2012 година. На интернет-страницата што ја води аукцијата се наведува дека медалите „се придружени со потпишани писма од Лохти“.
Лохти (37) освои и шест златни медали на ЛОИ, кои нема да се продаваат на аукцијата. Со 12-те олимписки медали, тој го дели второто место меѓу пливачите, со сонародничките Натали Кофлин, Џени Томпсон и Дара Торес. Рекордер според бројот на освоени олимписки медали е Мајкл Фелпс, 28. Четири од шесте сребрени или бронзени медали на Лохти се освоени на трките на кои победи Фелпс, меѓу кои е првиот индивидуален медал, среброто од 2004 година, на 200 метри мешано. Л.Д.


И УЕФА ќе работи против злоупотребата на интернет

Европската фудбалска унија (УЕФА) вети дека ќе се ангажира во кампањата за запирање на злоупотребите на социјалните мрежи на интернет како дел од кампањата „Респект“, која ќе почне со задутрешниот почеток на женското Европско првенство (ЕП) во Англија, пишува „Би-би-си“.
УЕФА соопшти дека „активно ќе ги следи, ќе известува и ќе ги отстранува случаите на злоупотреба на интернет“. Од УЕФА велат и дека програмата „Респект“ ќе вклучува кампања за „вистински лузни“, која „ќе ги нагласи катастрофалните ефекти од злоупотребата на интернет насочени кон фудбалерите, тренерите и официјалните лица преку платформите на социјалните медиуми и ќе ги едуцира како најдобро да се одбранат од таква злоупотреба“. Програмата „Респект“ има за цел конкретни активности за спречување на навредливото онлајн однесување и дискриминација за време на сите нејзини завршни турнири, во младинска, женска и машка конкуренција во следните три години. За да се осигури дека е отстранета штетната содржина, УЕФА директно ќе соработува со главните платформи за социјални медиуми, како што се Твитер, Мета (Инстаграм и Фејсбук) и Тикток.
– Кога нешто кажувате на социјалните мрежи, не сфаќате колку е тоа болно или какви последици може да има. Може да остави трага, бидејќи сите сме луѓе, сите имаме емоции – изјави одбранбениот играч на Франција и на Лион, Венди Ренар. Л.Д.


ТЕНИС – ВИМБЛДОН
Швјонтек загуби по серијата од 37 победи

Светскиот тениски рекет број еден, Ига Швјонтек (21) од Полска ја заврши победничката серија од 37 натпревари, откако загуби од Французинката Ализ Корне (32) во третата рунда на гранслем-турнирот Вимблдон, со 4 6, 2-6.
Швјонтек доминираше годинава победувајќи на шест турнири по ред, неодамна и на Ролан Гарос. Претходниот пораз таа го претрпе во февруари во Дубаи, кога загуби од Летонката Јелена Остапенко. Таквата серија ѝ овозможи да го преземе приматот од Австралијката Ешли Барти, која се повлече, како светски рекет број еден. Швјонтек ја освои титулата на Вимблдон во 2018 година, во младинската конкуренција.
– Не играв добро, бев доста збунета во врска со мојата тактика. Како солидна тенисерка, Корне добро го искористи тоа – изјави Швјонтек, двократната шампионка на Ролан Гарос, која пред Вимблдон не играше на трева, за што причина беше повредата на рамото.
Американката Коко Гоф, исто така, беше елиминирана, од сонародничката Аманда Анисимова (7-6, 2-6, 1-6), 20-та носителка, која во следната рунда ќе игра против Французинката Хармони Тан, која, пак, ја елиминира Британката Кејти Балтер, претходно и седумкратната шампионка на Вимблдон, Серена Вилијамс, во првото коло. Л.Д.