Верувам во овие момци, верувам дека ќе бидеме сѐ подобри штом ќе ни се приклучат сите кошаркари што на овоj меч ги немавме во составот, вели македонскиот селектор Бајиќ по поразот на гости од Шпанија, а пред дуелот со Украина денеска

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (18 часот, влезот е слободен), македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе се обиде против Украина да ја оствари првата победа во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП), кое треба да се одржи во Индонезија, Јапонија и во Филипини идната година. Црвено-жолтите засега се една од четирите селекции (покрај Холандија, Португалија и Словачка) што немаат победа во оваа фаза од квалификациите за СП, а со тоа ги загубија и шансите за понатамошен пласман.
– Знаевме дека Шпанија е голем фаворит. Немавме многу време за тренинзи и подготовки, ни недостигаа и четири-пет добри кошаркари. Имаше добри моменти, од кои мора да сме задоволни, но имавме и лоши моменти, кои треба да ги коригираме ако сакаме да напредуваме. Едноставно, мислам дека квалитетот и физичката подготвеност на Шпанците беа пресудни, а и не се снајдовме на нивната силна агресивна одбрана. Првата четвртина личеше на нешто, додека имавме енергија… Задоволен сум од атмосферата и од тимската хемија што ја имавме, верувам во овие момци, верувам дека ќе бидеме сѐ подобри штом ќе ни се приклучат сите кошаркари што на овој меч ги немавме во составот – вели македонскиот селектор Драган Бајиќ по поразот на гости од актуелниот светски првак, Шпанија, во 5-то коло (група Г), со 44-80.
Со овој пораз, македонските кошаркари со освоеното четврто место во групата Г и дефинитивно ги загубија шансите за пласман во втората фаза од квалификациите, каде што ќе играат првите три селекции од секоја од осумте групи. Андреј Јакимовски со 14 поени беше единствен со двоцифрен ефект во македонската репрезентација, а придодаде шест скока и две асистенции. По седум поени реализираа Кристијан Николов и Бојан Крстевски, а шест поени уфрли Теодор Симиќ. Кај Шпанците доминираше Себастијан Саиз, со 19 коша. Во вториот дуел од оваа група, на неутрален терен во Рига (Летонија), Украина како домаќин убедливо ја совлада Грузија, со 79-66, и се пласира понатаму.


Уште пет слободни места во следната фаза од квалификациите

Засега пласман во следната фаза од квалификациите за пласман на Светското првенство обезбедија 19 кошаркарски репрезентации (од нив 16 учесници на Европското првенство годинава), и тоа Летонија, Белгија, Србија (група А), Грција, Турција, Велика Британија (група Б), Финска, Словенија (група Ц), Германија (група Д), Франција, Црна Гора, Унгарија (група Е), Литванија (група Ф), Шпанија, Грузија, Украина (група Г), Исланд, Италија и Холандија (група Х). Во трка за уште пет места се Хрватска и Шведска од групата Ц (една репрезентација ќе се пласира понатаму), Полска, Израел и Естонија од групата Д (две селекции), како и Чешка, БиХ и Бугарија од групата Ф (две репрезентации продолжуваат со квалификациите). Во продолжението на квалификациите ќе има четири групи, а на СП 2023 ќе се пласираат вкупно 12 репрезентации од Европа.


ГРУПА Г

Шпанија – Македонија 80-44
Украина – Грузија 79-66

ТАБЕЛА
Шпанија 4 4 0 8
Грузија 5 3 2 8
Украина 4 2 2 6
Македонија 5 0 5 5
Идно коло (денеска): Грузија – Шпанија (15 ч.), Македонија – Украина (18 ч). Г.И.