Фото: Архива

Мотивацијата е дел од ДНК. Мојата работа не ми дозволува да бидам тивок лидер, како што е мојата природа. Морам да бидам во очите на јавноста цело време, морам да комуницирам преку медиумите цело време и тоа прави голема разлика. Победив во четири земји многу, многу рано, во првата или максималната втора сезона. Мислам дека тоа е затоа што се обидов да го разберам тимот. Студирав. Се обидов да го извлечам најдоброто од разликите, обидувајќи се да ги применам во практика моите идеи, но истовремено почитувајќи ги локалните култури, а, во мојот случај, и локалното чувство и пристап кон играта, вели Мурињо за „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Откако ја однесе Рома до триумф во Конференциската лига (КЛ), нејзиниот прв европски фудбалски трофеј по повеќе од шест децении, Жозе Мурињо зборува во ексклузивното интервју за британски „Скај спорт“ за неговиот пристап кон лидерството и објаснува што го мотивира да продолжи да работи долго по својот 1.000-ти меч. Првиот европски трофеј освоен од италијански клуб во минатите десетина години е освоен од истиот тренер што го освоил претходниот – Мурињо. Не е како во 2010 година, кога го однесе Интер до титулата во Лигата на шампионите, но победата во КЛ е негов прв трофеј по пет години, иако чекањето можеби ќе беше пократко ако Тотенхем не го сменеше пред финалето на Купот. Мурињо сега има пет победи во пет европски финалиња.

Прво, да го решиме прашањето за мотивацијата.
– Па, тоа е мојата природа. Тоа е природата на некој што сака да биде во фудбалот долги години. Ако не сте вљубени во фудбалот и постигнувате сѐ што треба да постигнете во фудбалот, едноставно се откажувате и уживате во вашите медали. И уживате во вашиот живот надвор од фудбалот. Но ако го сакате фудбалот, не сакате да престанете. Ако го сакате фудбалот, не чувствувате дека стареете. Се чувствувате свежо, се чувствувате младо и тоа чувство трае. Значи, мотивацијата е дел од ДНК – вели Мурињо за „Скај спорт“.

Тој досега освои трофеи во Португалија, Англија, Италија и во Шпанија.
– Уште повеќе, победив во овие четири земји многу, многу рано. Немав потреба да бидам таму три, четири или пет години за да победам. Тоа беше веднаш. Во првата или максималната втора сезона. Мислам дека тоа е затоа што се обидов да го разберам тимот. Студирав. Се обидов да го извлечам најдоброто од разликите, обидувајќи се да ги применам во практика моите идеи, но истовремено почитувајќи ги локалните култури, а, во мојот случај, и локалното чувство и пристап кон играта – вели тој.

ЛИДЕРСТВО

Лидерството е сѐ уште клучно.
– Имаше промени во однос на лидерството – сега се работи за вклученост. Лидерството значи дека луѓето треба да ве следат. А за да ве следат, мора да веруваат во вас. Нормално, тие веруваат во вас ако чувствуваат емпатија, ако чувствуваат искреност. Во мојот личен случај како лидер, значи токму одговорност да не ги изневерам моите луѓе. Мора да бидете со нив и за нив, цело време. Тие мора да ви веруваат – рече Мурињо.

Кога Мурињо лани пристигна во Рома, ѕвездата Лоренцо Пелегрини изјави дека тоа било како молња да поминала низ фудбалскиот клуб. Мурињо најде приемлива публика за своите идеи. Пелегрини го нарече вистинскиот човек во вистинското време. Токму она што ѝ требаше на Рома. Токму она што му требаше и на Мурињо. Пелегрини го нарекува еден од најдобрите тренери во светот, Тами Абрахам го стави на врвот, Николо Заниоло едноставно го опишува како победник. Се чини дека секој во Рома има своја приказна и, најважно, сите тие приказни се малку поинакви, пишува „Скај спорт“.

– Секој има потреба од различен начин за комуникација, различен начин да се даде повратна информација, да се мотивира. Најважно е навистина да се знае нивната природа, да се знае сѐ за нив. Потоа можете да комуницирате речиси на индивидуална основа. Би рекол дека е како кога одите во ресторан и јадете „а ла карт“, како што велат на француски. „А ла карт“ е во основа она што треба да го направите со играчот. Не гледајте како да се сите исти, затоа што сите се различни – изјави Мурињо.
Можеби изненадувачки, тој не се смета себеси за природен лидер.

– Не би рекол така. На млада возраст, би рекол дека бев тивок лидер. Но мојата работа не ми дозволува да бидам тивок лидер, како што е мојата природа. Морам да бидам во очите на јавноста цело време, морам да комуницирам преку медиумите цело време и тоа прави голема разлика – вели Мурињо.
Но тој е роден менаџер.

– Клучот за успехот останува ист, сѐ е до стратегијата. Не можете да предвидите сѐ, но колку сте поподготвени, толку повеќе можете да вложите во тренингот. Можете да ја намалите непредвидливостa и тоа дава чувство на полесно носење одлуки. Знаете дека мечевите имаат одреден ризик, се разбира, но мора да се обидете да го намалите, подготвувајќи се најдобро што можете – рече тој.

СЛИЧНОСТИ СО Ф1

Кога Мурињо имаше толку брз успех во почетокот на неговата тренерска кариера, методите на Витор Фраде и тие идеи за тактичка периодизација беа распространети. Неговото влијание беше толку големо што да се најде предност пред другите мора да било потешко отколку што било. Но не невозможно.

– Играта се промени во претходните две децении. Во однос на тренинзите и методологијата, имаме многу нови различни алатки за анализа на играта дури и од клупата. Денес имам нешто што беше забрането пред 20 години, а тоа е монитор со тактичка камера. Се појавија нови димензии на тренерскиот штаб. Сега има многу луѓе што се специјализирани за многу различни области за да можете да ја поделите работата. Тоа е друга ситуација. Само да ви дадам пример, пред некое време имавте само тренер за фитнес. Сега имате тренер за перформанси, тренер за закрепнување, индивидуален тренер и го имате тренерот за превенција. Тоа е лудо. Тоа ја донесе нашата работа до неверојатна димензија. Сега мора да се справите со толку многу луѓе со толку различни карактери и ега. Исто така, треба да се справите со многу повеќе информации отколку порано. Понекогаш морам да ги одберам најважните информации, бидејќи едноставно не можеме да се справиме со сѐ. Верувам дека тоа е сосема слично на тимовите во Формула 1. За време на трката имаат толку многу податоци, па мора да бидат многу селективни. Тие не можат едноставно да ги пренесат сите информации на возачот – изјави Мурињо за „Скај спорт“.