А што се случува сега? Со каков вирус на раздор сме заразени и како тоа, фино и дискретно, под плаштот на европеизација, ни го сместија под пазуви? И тоа од мнооогу одамна. Токму од моментот кога Унијата ја прогласивме за икона пред која се молиме триесет години. Јавноста со право (не) е изненадена и коментира дека ако е ваков европскиот начин на решавање на конфликтите, тогаш ние можеме многу бргу да се вклопиме во нив. Ние за вакви европски манири имаме сосема доволно подготвени кандидати. Европо, доаѓаме, чекај нѐ. Убаво се подготвивме под твојата диригентска палка.
Во највисокиот законодавен дом, храмот на демократијата, како што го викаат парламентот, во кој заседаваат народните избраници, се случи физичка пресметка меѓу претседателот на Комисијата за европски прашања и пратениците на опозицијата.
Колку и да ја изненади јавноста овој инцидент, сепак, барем за тие што одблиску ги следат случувањата на македонската политичка сцена, инцидентот не треба да претставува никакво изненадување. Зошто?
Еве зошто. Затоа што долгодецениската пресија и опсада под која се граѓаните на Македонија од страна на Унијата, држењето во чекалница без прозорчиња и без свеж воздух и алтернатива, доведе до страшна тензија, нервоза, анксиозност на сите што живеат во нашата земја, без разлика дали се обични граѓани, бизнисмени, пратеници или државни функционери. Пресингот од чекалницата за трансфер во „големиот клуб“, неуважувањето, непризнавањето на нашите граѓани како рамноправни граѓани со оние од ЕУ, менувањето на државните симболи, името, Уставот и што уште не, предизвика тешки манични напади кај нас. И депресии… Манично-депресивни експресии што се со умисла предизвикувани од она што ни го наметнува Старата Дама. И како потоа да нема испади на физички пресметки, кавги, навреди, клевети меѓу граѓаните, партиите, па и во институциите? Во случајов во парламентот… И пратениците се граѓани. Под притисок, нели?
Не дека ова е оправдување за инцидентот, но проблемот да го погледнеме од друг агол. Нашето однесување е производ на едни наметнати норми и принципи, кои се малку (повеќе) различни од нормите на познатиот морал и етика што ги негуваме ние во Македонија со столетија. Меѓусебно, меѓу колективитетите, било етнички, било конфесионални, било социјални итн., ние секогаш сме се почитувале и уважувале, толерирале и помагале. Тоа е длабоко присутно во нашата овдешна традиција! А што се случува сега? Со каков вирус на раздор сме заразени и како тоа, фино и дискретно, под плаштот на европеизација, ни го сместија под пазуви? И тоа од мнооогу одамна. Токму од моментот кога Унијата ја прогласивме за икона пред која се молиме триесет години.
Јавноста со право (не) е изненадена и коментира дека ако е ваков европскиот начин на решавање на конфликтите, тогаш ние можеме многу бргу да се вклопиме во нив. Ние за вакви европски манири имаме сосема доволно подготвени кандидати. Европо, доаѓаме, чекај нѐ. Убаво се подготвивме под твојата диригентска палка.
Нејсе, без да навлегуваме во тоа кој прв почна и кој го предизвика инцидентот, крајно непримерно и, најблаго речено, некултурно е недоразбирањата во ставовите и погледите за некои политички прашања или прашања за почитување на процедурите да се решаваат со закани и со примена на физичка сила.
Ним и на било кој друг пратеник треба да им биде јасно дека тие се претставници и избраници на народот и дека никој не им дал за право со насилство да ги решаваат недоразбирањата и проблемите. Доколку тие си дозволат да прават таков луксуз пред очите на целата македонска јавноста, што да кажеме за сите оние разочарани, обесправени, навредени, понижени и омаловажени граѓани, кои се на работ на егзистенцијата и доста често биле исправени пред изборот како да реагираат, со толеранција или со физичко насилство, па сепак не се решавале да го применат законот на улицата.
Тоа што особено загрижува е што по инцидентот во Комисијата за европски прашања, наместо да се спушти тензијата, подоцна следуваше вербална пресметка по коалициска основа, за на крајот да метастазира и на етничка основа, кога на социјалните мрежи бевме сведоци на отворени закани за „кршење коски на нозе и раце“ од страна на уште еден висок владин функционер – државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири.
На крајот, наместо заклучок, би испратиле порака политичарите и особено пратениците да се ослободат од својот „западноевропски тутор“ и да се обидуваат проблемите да ги решаваат со ладна глава и со силата на аргументите, а не со аргументите на силата. Секое насилство носи ново насилство, а со насилство ништо не се решава, туку само се губат умот и вербата во подобро утре, кое во овие турбулентни времиња во кои живееме многу ни недостига. За насилниците нема и не треба да има место во храмот на демократијата. Тоа добро го знаат и на Запад, во многу постарите „демократии“.