Владислава Фекете е директорка на Театарскиот институт во Братислава и на фестивалот „Нова драма“. Во интервјуто таа зборува за местото и тенденциите на словачкиот театар и словачката драматургија во европски и светски рамки

Владислава Фекете, директорка на Театарскиот институт во Братислава

Фестивалот „Нова драма“ на некој начин е пресек на словачкиот театар, на неговото движење во насока на начинот на мислење. Колку овој фестивал е влијателен?

– Мислам дека осумнаесетте години, колку што веќе трае овој фестивал, зборуваат доволно во смисла на потврда на влијанието на фестивалот на словачкиот театар. Фестивалот настана во време кога во словачкиот театар преовладуваше мислење дека современата словачка драма не успева да опфати важни општествено-политички, но и културно-естетски прашања, па не е згодно да се стави во репертоарот на словачкиот театар. Ние имавме друго мислење и знаевме дека со непоставувањето на новата словачка драма на сцената го губиме ритамот и ризикуваме сосема да се оддалечиме од нашата актуелност, од современиот момент на сцената. Успеавме во новите тежнеења. Новата драма беше ставена во репертоарот, а фестивалот „Нова драма“ е желно очекуван настан. За време на шесте дена, колку што трае фестивалот, се трудиме да предупредиме на сите актуелни прашања во современиот театар, во смисла на теорија и практика, а од друга страна фестивалот стана пример на словачкиот театар за меѓународните гости.
Словачкиот театар во Македонија е познат преку одличните сатири на Ласица и Сатински. Дали сатиричкиот театар е доминантен во словачката драматургија и колку таа во 21 век носи нови мотиви и нови теми?
– Единственоста на словачката драма е пред сѐ во многу тесната спрега меѓу општествените движења и сценската реализација, во потребата да се прикаже едно „скршено време“, кое доведува на сцена ликови што се вредни за внимателна и прониклива анализа. Во последните десет-дваесет години многу нешта се променија на полето на новата словачка драма. Стариот драмски модел ја изгуби привлечноста, но и тежината, а новиот перформативен силно, интензивно и медиумски проследено ги отвора Пандорините кутии на современото општество, а наедно силно артикулирано го коментира и минатото што имаше влијание на формирањето на свеста и хуманизмот на современиот човек. Новата словачка драма се избори за сосема пристојно место во словачките театри и моментално повеќе од педесет отсто од продукцијата на театрите спаѓа под нејзина закрила. Во овој период словачката култура и самата држава постепено се инкорпорираат во европскиот контекст и се отвораат кон новите пристапи и трендови. Можеме да зборуваме за сумирање на словачката култура и за радикалното квалитативно будење на словачката драма. Драмите ја одразуваат новата општествена ситуација – самостојноста на Словачка – процесот на глобализацијата, поп-културата итн. Жанровското определување е главно трагикомедијата, а чистата комедија се изгуби. Нејзиното место го зазедоа гротеската, фарсата и сатирата. Можеме да зборуваме за комичната трагика, која најсигурно се движи во социјалните сфери.
Словачкиот театарски институт може да се пофали со голем број изданија, преводи на словачки автори на англиски јазик, како и преводи на странските драматичари на словачки јазик. Направете ни еден краток пресек на досегашната работа на овој институт и на неговите понатамошни тенденции?
– Тешко е да се опише во неколку реченици институција што во словачкиот театарски контекст веќе шест декади го мапира словачкиот театар. Под закрилата на институтот се наоѓа специјален театарски архив, музеј, но и документација. Центарот за истражување и образование, издавачки центар, центар за презентација и маркетинг. Овој институт е единствен по прашањето на документацијата, но и презентацијата на словачкиот театар во државата и во странство. Се трудиме не само да го мапираме минатото туку и да ја скицираме евентуалната иднина на нашиот театар, а по прашањето на современиот театар, веќе од 2000 година имаме самостоен проект, кој почна од основањето на истражувачката платформа „Нова драма“, под чија закрила се наоѓаат: книжевна едиција, конкурс за современ словачки текст за возрасни, како и за деца и младина до 18 години, работилници за креативно пишување во копродукција со словачките театри, фестивалот „Нова драма“ и специјалната лабораторија на нова драма „Студио 12“. Сите овие активности ги вршиме во меѓународна насока.
Конференцијата што беше посветена на цензурата во театарот, како и на задушувањето во културата, беше многу интересен и предизвикувачки настан оваа година на фестивалот. Дали мислите дека сега е време за повторно наидување на театарската порака, на неговиот ангажман во политичките движења?
– Изгледа дека е така. Иако живееме во привидна слобода, сѐ поинтензивни се обидите за нејзино одземање, ограничување и ново дефинирање. Театарот отсекогаш успевал да го зачува својот интегритет и јасно и гласно да ги афирмира своите ставови. Повторно дојде тој момент кога мораме да запреме и да се обидеме да се преиспитаме каде се случил „краткиот спој“, зошто ја губиме битката со новиот нихилизам, дали сме доволно силни да се поставиме против секојдневната агресија.
Голем дел од претставите на фестивалот „Нова драма“ се занимава со женските теми: насилството врз жената, патријархатот итн. Дали е тоа тренд во начинот на промислувањето во современиот словачки театар и какви се неговите репертоарски тенденции?
– Тоа не е тренд, туку потреба. Дојдовме до точка од која нема враќање, така што мораме да се запрашаме повторно зошто сме дозволиле да се ограничуваат женските слободи, зошто младите луѓе не успеваат да држат чекор со времето, туку се губат во слоевите на нарцизмот, агресијата и психичката нестабилност. Словачкиот театар е отворен по овие прашања, пред сѐ независната сцена, која е млада, вдахновена, самосвесна и динамична. Токму поради тоа е многу тешко да се зборува воопштено за репертоарските тенденции. Во некоја рака, новите теми ги донесува токму независната сцена, која е тематски, но и формално насочена кон новите перформативни стилови.
Каде се наоѓа словачкиот театар во новите европски и светски театарски мапи? Дали словачките драматурзи се преведуваат доволно и дали словачките театарски уметници со своите дела и ангажмани ја преминуваат границата на земјата?
– Словачкиот танцов театар, односно современиот танц е моментално признаен и во светски рамки. Нашите кореографи, но и танчари, ја создаваат онаа потребна фина спојка меѓу домашното и меѓународното, донесуваат нова енергија и благодарение на нив се отвораат вратите и на драмскиот театар. Словачкиот јазик е малцински јазик и изгледа дека овој проблем сѐ уште не е надминат. Колку и да се трудиме да ги преведуваме словачките драми на светските јазици, сепак не успеваме да се етаблираме доволно. Тоа не е проблем на квалитетот, туку е проблем на малцинскиот контекст. На крајот на краиштата, Словачка Република е млада држава, следната година ќе го прослави својот триесетти роденден, треба да ѝ се дозволи да расте, да се стабилизира, да го осмисли својот културен идентитет.

Сашо Огненовски